Подземните гаражи делуваат како подни грејачи, а според новото истражување од Германија и Швајцарија, генерираната енергија би можела да се искористи за загревање на зградите.
Научниците од германскиот универзитет во Хале и од Технолошкиот институт Карлсруе, како и од швајцарскиот универзитет во Базел, ги анализирале температурите во 31 подземна гаража во различни градови во Германија, Австрија и Швајцарија.
Во шест од нив успеале да ја измерат и температурата на подземната вода во непосредна близина. Резултатите покажале дека подземните гаражи ги загреваат подземните води во текот на целата година. На резултатите влијаел обемот на сообраќај во подземните гаражи, нивната близина до подземните води и температурата на подземните води.
„Бидејќи јавните подземни гаражи често се закопани подлабоко и се користат пократко, тие повеќе ги загреваат подземните води отколку приватните објекти“, вели Максимилијан Ноетен, автор на студијата од Хале.
Вишокот топлина во земјата во иднина би можел да се користи со помош на топлински пумпи.
„Предноста на тоа би била црпењето енергија од подземните води“, вели Ноетен.
За 5.040 подземни гаражи во Берлин, тимот го искористил моделот за да го пресмета степенот на затоплување на подземните води. Научниците дошле до заклучокот дека вкупната создадена енергија би можела со греење да снабдува околу 14.660 домаќинства.
„Се разбира, само топлината од подземните води не е доволна за да ги покрие потребите за греење на град како Берлин или дури и земја како Германија. Ниту, пак, нивото на температурата на подземните води во близина на површината е доволно за загревање без топлинска пумпа“, вели Питер Баер, автор на студијата од Универзитетот во Хале.
„Сепак, од претходната работа знаеме дека потенцијалот за геотермална енергија оди подалеку од ова и може да игра значајна улога во одржливото снабдување со топлина“, додава научникот.