Жители на Тетово и Мала Речица вчера протестираа против отворањето на ново, најголемо казино во Тетово, кое треба да биде отворено на стотина метри од Тетовскиот Универзитет, а кое според одредени албански медиуми, е сопственост на функционер на ДУИ. Да биде иронијата поголема, меѓу демонстрантите беше и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи која како кандидат на ДУИ раководи со градот во кој функционираат околу 40 казина.
Од иницијативата против изградбата на казината во градот, велат дека новото казино кое се планира да се отвори нема дозвола за работа. Бараат надлежните да го стопираат отворањето на ова, но и на нови казина во градот. Демонстрантите побараа ваквите објекти да бидат тргнати не само од очите на учениците и студентите, туку да се дислоцираат надвор од градот.
Се обраќам до надлежните министерства, Министерството за финансии, Министерството за образование и наука, МВР, УЈП и општина Тетово, да го стопираат отворањето на оваа спортска обложувалница. Под два, да подготват закон, сите обложувалници и игри на среќа да бидат најмалку 3 километри од последната куќа од населеното место, изјави Џемал Абдулаху, од организационен совет.
На протестот присуствуваше градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која наиде на жестоки критики од демонстрантите. Таа рече дека како општина побарале да се промени законот за игри на среќа, кој сега дозволува казина да се отвараа на места само 100 метри оддалечени од училиштата, но и другите институции.
Одговорноста е кај Министерството за финансии оти општината нема никаква надлежност за регулирање на работата на обложувалниците и игрите на среќа. Нашите инспекции не се надлежни да донесат било каква одлука во оваа насока. Нашето барање како општина и како општински совет е дека тие не на 100 метри од училишните објекти, туку оддалеченоста од овие објекти и објектите од јавен интерес да биде 300 метри и општината да има свои надлежности, бидејќи такви надлежности не се предвидени, посочи Теута Арифи.
Организаторите на протестот порачаа дека ќе продолжат со протестите се’ додека не се запре, како што ја нарекоа, епидемијата на казина во градот.
Како што деновиве пренесе порталот на албански јазик, „Америка Радио“, најголемото казино во Тетово ќе биде раководено од еден Македонец и еден Албанец од Тетово. Како што дознаваат од „Америка Радио“, Албанецот е висок функционер на ДУИ од Тетово, кој е познат како финансиер на оваа партија и близок на лидерот, Али Ахмети. Казиното ќе биде најголемото во Полошкиот регион, а 36-то по број, само во Тетово.
Според порталот, целта на отворање на казиното е „перење пари“ од различни бизнисмени и политичари, кои сакаат да ги легализираат своите пари добиени од тендери, проституција и други незаконски дела.