6.8 C
Skopje
четврток, декември 12, 2024

Поемата „Одгласот на тишината“ ново книжевно дело на Зоран Пејковски посветено на Ацо Шопов

 Најновото книжевно – поетско дело на Зоран Пејковски, поемата „Одгласот на тишината“ е посветена на македонскиот поет, вечниот лиричар во македонската поезија, Ацо Шопов и тоа сега во годината на одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Всушност, Зоран Пејковски, со оваа поема му оддава почит на ликот и делото на Ацо Шопов, како годинашен добитник на престижната награда „Ацо Шопов“, највисокото поетско признание што го доделува Друштвото на писателите на Македонија.Рецензенти на ова значајно книжевно – поетско дело се: проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Славчо Ковилоски.

Во својата рецензија, проф. д-р Васил Тоциновски ќе напомене:…„Секоја нова творечка објава на Зоран Пејковски е потврда повеќе за еден нов или поточно поинаков естетски и етички резултат што според нас се остварува со тенденција оти возбудата и восхитот се мера за уметноста на делото. Тоа го потврдува и поемата „Одгласот на тишината“ посветена на Ацо Шопов како чудесен авторски влог во одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на еден од бардовите на современата македонска книжевност…. Поемата ја составуваат дваесет и четири подолги и пократки пеења од кои како жива подземна вода дотекуваат симболи и метафори кои тивко и таинствено жуборат со возвишена рима и внатрешна мелодичност сигурно и мајсторски создавајќи го човечкиот и поетски профил на Шопов…. Тој е стожерен субјект кој е во основата на сижето со преовладување на епски, лирски и драмски елементи. Повишениот тон на раскажување, на епското раскажување е збогатено со искуството на авторот како поет, романсиер, драмски автор и публицист што ја облагородува и заокружува целината и убавината на поемата“…..

Рецензентот проф. д-р Славчо Ковилоски за поемата „Одгласот на тишината“ меѓу другото ќе напише: „Одгласот на тишината“ Пејковски го започнува со посвета на Шопов, со барање и наоѓање на убавиот збор, на меките лирски потреперувања во една пролетна вечер пред зајдисонце. Можностите што ги нуди поезијата на Шопов се видливи и од резултатот што ни го предочува Пејковски: поема што едноставно тече без запирање, што значи без епилози и пролози, без циклуси и останати подредувања. Тоа е позија вдахновена од тишината, но не тивка, туку поезија којашто одекнува како ехо со секој исчитан стих. Всушност, тишината на Шопов ќе остане како една негова доминанта и можеби, една од најпознатите идентификациски белези со коишто за време на животот, а и потоа, ќе остане врзана за неговото творештво, како што впрочем ќе забележат и укажат и Димитар Митрев, Милан Ѓурчинов, Димитар Солев и др. Тргнувајќи оттука, авторот на поемава преку интертекстуалноста со изборот на стиховите од една страна ни го доближува Шопов, но од друга страна ни го разоткрива моделот на пеење преку кој сопствените поетски огледи ги трансформира во лирика со благ патос…. Поетските умови восхитени од лириката на Шопов, ги расветлуваат патувањата како чин на уметничко доживување…. Духовната нитка што се провлекува низ стиховите го заокружува процесот на создавање на поезијата. На таков начин, Пејковски им ја оддава заслужената почит на Шопов, но и на неговите и на нашите лирски претходници“…..

Инаку, Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е и доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје.

Автор е на 22 драмски дела, на 6 сценско-драмски рецитали, на 21 збирки песни, 5 поеми, 1 роман, 1 препев, 4 научно-истражувачки книги од театрологијата, 3 публицистички книги, и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби.

Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година, во 2016 година се стекнува со титулата почесен амбасадор на мирот од институцијата Светски амбасадори на мирот (Universelle des Ambassadeurs de la Paix, Suisse/France). Во 2017 година се стекнува со титулата академик на Чувашката народна академија на науките и уметностите, а во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската Унија. Преведен е и препеан на повеќе странски јазици.

Тој е добитник и на повеќе домашни и странски награди и признанија, меѓу кои: наградата „4-ти Ноември“ на Општина Битола, за книжевност и литература за 2014 година, во 2016 г. ја добива и наградата „ЕРГО СУМ“ за популаризација и афирмација на театарскиот израз, во 2020 г. ја добива престижната награда „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади во 2019 година, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, во 2020 г. ја добива наградата „Антев златник“ што ја доделува Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. Во 2022 година во чест на класикот и голем лиричар Ацо Шопов, по повод 40-годишнината од неговата смрт од НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ од Штип го добива Призанието за афирмација и популаризација на ликот и делото на Ацо Шопов. Потоа во 2022 година ја добива светската книжевна награда „Naji Naaman Merit Prize 2022 (Lebanon)“-Creativity prizes (награда за креативност). А во 2023 година ја добива престижната награда „Ацо Шопов“, највисокото поетско признание што го доделува Друштвото на писателите на Македонија, како и интернационалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа 2023“.