Деновиве во пресрет на 90-годишнината од раѓањето на виртуозот во македонската литература, големиот и бесмртен Петре М. Андреевски, од печат излезе поемата: „Се умира ли од премногу сакање?!“ од македонскиот писател Зоран Пејковски, а посветена на Петре М. Андреевски. Рецензенти на ова грандиозно поетско дело се: академик Катица Ќулавкова, Јордан Плевнеш и Владимир Илиевски. Издавач е познатата издавачка куќа „ПНВ-Публикации“ од Скопје. Инаку оваа е прва објавена книга во 2024-та година, и шеста поема од вкупно 65 книжевно – драмски, поетски, прозни, научни, публицистички и преведувачки остварувања на Пејковски.
Поемата „Се умира ли од премногу сакање?!“ е новото книжевно – поетско дело на македонскиот писател Зоран Пејковски, која е посветена на безвремениот и бесмртен Петре М. Андреевски, а по повод одбележувањето на 90-годишнината од неговото раѓање.
Рецензенти на ова значајно книжевно – поетско дело се: академик Катица Ќулавкова, Јордан Плевнеш и Владимир Илиевски.
Во својата рецензија, академик Катица Ќулавкова ќе напомене:.. „Поемата „Се умира ли од премногу сакање?!“ од Зоран Пејковски е посветена на големиот македонски поет Петре М. Андреевски, по повод 90-годишнината од неговото раѓање. Поемата е составена од 25 (дваесет и пет) пеења….Поетот Зоран Пејковски го најавува широкиот тематски распон на поемата и нејзината воздигната трогателна и свечена патриотска и химнична интонација. Се работи за големата и трагична македонска историска приказна која оставила свои траги во просторот и времето, во јазикот и преданието на Македонците, кои „Ги измешале небото и земјата (…) предавствата и херојствата“. Љубовта е засенета од презирот спрема предавствата кои биле секогаш извор на најголеми лични и колективни страданија. Ако треба да се опише македонското поднебје и македонската историја, тогаш треба да се потсетиме на тоа дека Тие, Македонците, ги мешале небото и земјата, сакралното и профаното, паганското и христијанското, минатото и сегашноста. Поетот зборува од дистанца, временска и вредносна, небаре е во улога на историчар и судија.
Второто пеење веќе навестува дека лирскиот субјект е рефлексија и поетска „инкарнација“ на Петре М. Андреевски. Се користи прво лице еднина кое сугерира лична гледна точка обележана од демирхисарскиот хронотоп и од култните елегии за Дениција од истоимената книга на Петре М. Андреевски. Времето и просторот се стеснуваат за миг и сфаќаме дека уводната апотеоза на македонскиот „постанок“ ги поставува рамките на поширокиот значенски контекст на поемата. Нејзиниот потесен и доминантен тематски фокус е неразделен од опусот на Петре М. Андреевски и неговата маркантна човечка фигура….
Третото пеење повторно ги вкрстува темата на љубовта со патриотскиот вознес. Песната е ширум отворена спрема идеалот на љубовта и на татковината, спрема восхитот и очајот. Патетичната интонација се рационализира со повремени есеистички коментари за „распродадената историја“ и за идеалите на предците.
Четвртото пеење го става одново акцентот врз Дениција како парабола на возвишените татковински чувства. Дениција „ја носи целата татковина во прегратки“.
Петтото пеење нуди други аспекти на општествениот и историски контекст во позадината на песните за Дениција, а индиректно и на пееања на Зоран Пејковски. Тоа се осврнува на мотивот на војната, туѓите војски и воените трауми. Поетски фрагментарно се редат инсерти од воените неизвесности, кога жените „не знаеја дали се жени или вдовици“. Дениција се претвора во митска слика, во имагинарен „предел на Најсаканија“. Таа постои таква, идеална и дивинизирана само во поезијата на Петре М. Андреевски.
Од шестото до дваесет и петтото пеење, Дениција е како непрекината нишка во лавиринтот на историската приказна за Македонија, како водич низ темните времиња и невремиња, како светлина во темнината на ропските безумија и лелекија.
„Малата идеја за татковината е толку голема“ што лирскиот пејач не може да ја пронајде (Осмо пеење).
Љубовта градира од пеење во пеење. Дивинизацијата на Дениција продолжува. Дениција е икона (Дваесет и прво пеење). Дениција е митска слика. Приказната за Македонија, нејзините Богомили и нејзините востанија (Делчев и др.) се одвива паралелно со приказната за Дениција (Единаесетто пеење).
Дениција, како и Македонија, постои додека постои потрагата по неа, постои како недостижна цел која му дава смисла на животот, како Пат кој ја овозможува потрагата.
Поемата на Пејковски е мелодрамтична. Во далечината на последните неколку пеења се наѕира силуетата на Петре М. Андреевски кој како хиперчувствителен и осамен боем им се предава на чувствата и го брани своето право на слобода (Осумнаесето и Деветнаесето пеење).
Во последните пеења се сугерира и една апокалиптична визија на Македонија. Останува само „црната кутија“ по падот на „авионот“, кутија која ќе сведочи за настаните кои довеле до трагедијата. Интонацијата е траорна. Загубена е слободата. Сочуван е само сонот, но ни тој не е утеха (Дваесет и второ пеење). Во Дваесетитретото пеење конечно се поставува прашањето „Се умира ли од премногу сакање?!“. Дијагнозата е премногу љубов, вишок обожавање… Кулминацијата се доживува во чинот на губењето на довербата. Апсолутната љубов е катастрофична. Поетот како да станува свесен дека треба да се соочи со реалноста и да почне да се сомнева (Дваесет и петто пеење).
Современиот македонски поет Зоран Пејковски пишува долга поема од 25 пеења со цел да му направи омаж на Петре М. Андреевски. Таа цел е остварена. Пофалбата е испишана како модерна химна. Тоа е тројна пофалба – на Петре М. Андреевски, на неговата имагинарна Дениција, на Македонија и на љубовта и почитта спрема тие три величини и вертикали на македонското поетско творештво“…
Рецензентот Јордан Плевнеш за поемата: „Се умира ли од премногу сакање?!“, меѓу другото ќе напише:…. „Македонскиот современ поет Зоран Пејковски со поемата „Се умира ли од премногу сакање?!“ посветена на 90-годишнината од раѓањето на големиот македонски писател Петре. М Андреевски (1934-2006) докажува дека независно од историските услови во кои е создаван македонскиот идентитет во европскиот лавиринт, македонското писмо и писание се остварува и покрај негациите и политичкиот терор кој и денес е присутен на историската сцена кога ќе се спомене името Македонија. Таа се доживува како „елементарна непогода“ на Балканот кој уште Маркс го нарекува „Магарешки мост на европската дипломатија“.
Поемата на Зоран Пејковски содржи 25 пеења и низ длабоко рефлексивна јазичка сонда која ги поврзува вековите во духот на поетиката и јазикот на Петре М. Андреевски, ја става неговата поема „Дениција“ како Основен столб врз кого се гради поетскиот наратив и тој „Curiozum mundi“ како што Мирослав Крлежа ја нарекуваше Македонија. Дениција како што е познато е објавена во ревлуционерната година 1968 и нејзиниот познат стих од кого беа потресени повеќе балкански разузнавачки служби кои ги пренесуваа своите „зони на опасност“ во светските центри на воената моќ гласеше: „Кога ја љубев Дениција како да учествував во создавањето на првата македонска држава“!
Всушност поемата на Зоран Пејковски „Се умира ли од премногу сакање?!“ низ призмата на Дениција е еден стамен поетски монументален запис, дека љубовта станува опасност во балканската и европската историја и нејзината „прекумерност“ го загрозува етаблираниот ред на нештата дури и е закана за Светскиот поредок.
Јазикот на поемата на Пејковски е сличен на определбата на брилијатниот шекспиролог Јан Кот, кој вели ако се пишува „пост-модерн“ тоа значи дека се пишува „пост-мортем“. Неговите стихови изобилуваат со дигресивна форма на понирање низ времето, и всушност поемата ги овековечува и сите други жанри во кои се остварува книжевниот гениј на Петре М.Андреевски, бидејќи од неговиот прв драмски текст „Богунемили“ до романот „Пиреј“ и сите негови збирки поезија, Зоран Пејковски ќе го пронајде сублиматот на Главната окосница на неговата Поема-парабола низ стиховите во кои ќе ја објави сопствената само-дефиниција, или по угледот на Пабло Пикасо и неговиот последен авто-портрет, пишувајќи за Петре М. Андреевски, Зоран Пејковски го наоѓа круцијалното прашање и неговиот одговор: Во поемата „Се умира ли од премногу сакање?!“ ја откриваме после векови трагање „црната кутија на нашето самоуништување“! Поемата на Зоран Пејковски е како изградба на поетски храм на Петре М. Андреевски бидејќи тој веруваше во градбите од зборови кои се присутни во книгата на Дени Де Ружмон „28 векови на Европа“, во која големиот швајцарски мислител и историчар тврди дека Европа 28 векови се бара и не може да се најде. Значи исто е и со Македонија! Исто е и со Светот!!!
Во 1968 година „Дениција“ е објавена во времето кога Ален Гинсберг ги објавува своите „Новости од Планетата“, кои со својата жестина ја отсликувааат светската историја. Чарлс Буковски пишува за „Улицата на теророт и авенијата на агонијата“, Рејмон Кено пишува
за „Летот на Икар“, Јосиф Бродски ги пишува „Елегиите“ со инспирација од Данте Алигиери, а унгарскиот поет Ласло Наѓ е добитник на „Златниот венец“ за песна на Струшките вечери на поезијата „Крадец си, во песна што се крие“.
Овие компаративни согледувања ни отвораат нови потпорни точки, за да ја согледаме тежината на поемата на Зоран Пејковски, бидејќи тој го објавува овој свој поетски крик во 25 пеења, во време кога целата планета е во состојба на војни, масакри и ликвидации на многу меридијани и последниот бастион кој што треба да се уништи за да се заврши фамозниот салто мортале на современиот свет е Љубовта, Цивилизацијата на љубовта, како што ја нарекуваат Рамноапостолите Свети Кирил и Методиј, за кои Пејковски напиша Поема „Светопис за сесловените“, како што напиша поеми или драми во стихови и за Свети Климент Охридски и за Григор Прличев и за Кочо Рацин и за Анте Поповски и за Ацо Шопов.
Всушност, Пеењата на Зоран Пејковски кон кои се приклучува и неговата најнова поема „Се умира ли од премногу сакање?!“ го иницираат клучното прашање на нашата книжевна меморија: Се гради ли сам по себе Имагинарниот храм наречен Македонски книжевен Пантеон, една невидлива, сега засега, Градба која е како насловот на втората поетска книга на Петре М, Андреевски, „Ни на небо, ни на земја“, која не можат да ја уништат не само пропагандите, туку ни нуклеарните боеви глави зошто таа е неуништива, бидејќи „Уметноста е конечна цел на сите револуции“!“….
Рецензентот Владимир Илиевски за поемата „Се умира ли од премногу сакање?!“, меѓу другото ќе напише:…. „Писателот Зоран Пејковски со својот инспиративен творечки континуитет го надополнува корпусот на македонската книжевност со дела кои длабоко продираат во македонската историја и во македонската културна историја. Пејковски ги користат овие материјали како своја книжевна предлошка… За нескротливата творечка енергија на Пејковски јасна потврда е неговата најнова поема во дваесет и пет пеење „Се умира ли од премногу сакање?!“ која поетот ја посветува на бардот на македонската книжевност – поетот, прозаистот, драматургот, сценаристот, полемичарот Петре М. Андреевски, по повод 90-годишнината од неговото раѓање“….
Навидум, како поетот Пејковски да сака да го започне книжевен разговор со својот книжевен претходник токму во моментот кога тој, претходникот, е млад, кога ги објавува своите први поетски книги. Ова обраќање без дирекно именување само ја потенцира книжевната големина на Андреевски и поетската вештина на Пејковски. Нема потреба некого да именуваш ако неговото дело е длабоко вгнездено во меморијата на читателската публика.
Зоран Пејковски со своите стихови само го допозлатува ореолот околу Дениција. Тој возвишено пее поместувајќи ги реските меѓи помеѓу поимите/ феномените жена, љубов, страст, слобода татковина, Македонија, историја, радост, тага“…
Во „Се умира ли од премногу сакање?!“ Зоран Пејковски ги открива местата каде што се кријат тајните на „мајсторлукот“ на Андреевски. Пејковски исто како и Андреевски се потпира на историскиот поттекст и успешно го пронаоѓа начинот на кој тој поттест успева да се одвои од книжевното дело. Пејковски тоа специфично го постигнува со нагласениот критичко-иронички тон во своите стихови. Тоа не е само искажана сурова иронија кон историските настани, туку една отворена свесност за тежината, значењето и вредноста на тие минати настани во оформувањето на перцепцијата на сегашниот миг“…. „Пејковски успева до крај да го избруси стихот во својата поема. Стиховите лесно го следаат пеењето и некако спонтано, незабележливо и потполно природно се прелеваат еден во друг како што по едно издишување од полните гради неминовно следи длабокото вдишување. Поемата на Пејковки наликува на едно постојано здраво дишење со ширум отворени бели дробови, затоа што јазикот на поетот е чист и разбирлив, без нејаснотии кои би можеле да предизвикаат нејасна, треперлива мисла“…..
Пејковски, и како автор, но и како човек, целосно го прифаќа искажаниот совет на Петре М. Андреевски. Но сепак во неговото последно пеење како да има впечатлива доза на разочарување. Останува чувството дека овој „аменет“ на Петре не е исполнет, дека нешто недостасува во достоинството, дека храброста е одглумена и дека вистината не се бара на вистинското место.
И за крај: поемата не се чита само еднаш, туку повеќепати се препрочитува. Причината за тоа не е двосмисленоста на искажаните ставови, туку во потребата понекогаш да се почувствува благата врелост на пријателската шлаканица за да се доотворат очите докрај пред несовршеноста на сегашноста“…..
Инаку, Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е и доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје.
Автор е на 22 драмски дела, на 6 сценско-драмски рецитали, на 21 збирки песни, 6 поеми, 1 роман, 1 препев, 4 научно-истражувачки книги од театрологијата, 3 публицистички книги, и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби.
Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година, во 2016 година се стекнува со титулата почесен амбасадор на мирот од институцијата Светски амбасадори на мирот (Universelle des Ambassadeurs de la Paix, Suisse/France). Во 2017 година се стекнува со титулата академик на Чувашката народна академија на науките и уметностите, а во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската Унија. Преведен е и препеан на повеќе странски јазици.