Поетесата Елена Пренџова добитник на наградата „Даница Ручигај“

Поетесата Елена Пренџова е добитник на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра стихизбирка од авторка, членка на македонската писателска асоцијација.

Друштвото на писатели на Македонија и ја додели наградата на Пренџова за стихозбирката „Политички коректна“, објавена од „Матица македонска“.

Наградата се состои од плакета и таа ќе биде врачена во јуни, на посебна свеченост во Друштвото на писателите на Македонија.

Селекторот за доделување на наградата „Даница Ручигај“, поетот и литературен критичар Санде Стојчевски, во образложението пишува: „Творечките особености и квалитети во новата поетска книга на Елена Пренџова ја зацврстуваат оваа суптилна и бескомпромисна поетеса во редот на најосведочените лиричарки што ја красат нашата поезија, од кои едно од првите места и припаѓа на незаборавната Даница Ручигај“.

– Доделувањето на наградата е дел од активностите на Клубот на писателките, членки на ДПМ, што го носи името на познатата македонска поетеса Даница Ручигај. Признанието годинава се доделува првпат, соопшти ДПМ.