Поетска книга од Кочо Топузовски на три јазици

„Нафора мугреница“ е насловот на новата поетска книга на Кочо Топузоски, објавена на македонски, албански и влашки јазик. Стихозбирката е објавена во рамките на едицијата „Паралели“ на Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје, со поговор на Веле Смилевски. Автор на препевите од македонски на албански јазик е Ресул Шабани, а препевите на влашки јазик ги направи Афродитa Тоцили.

Изборот „Нафора мугреница“ донесува дел од поетското творештво на Кочо Топузоски кое во тројазичното издание ја афирмира моќта на поезијата за која не постојат бариери во рецепцијата на она што е уметност на пишаниот збор.

Во поговорот кон книгата Веле Смилевски, меѓу другото, пишува: „Оваа поезија го свртува вниманието со успешно остварениот спој меѓу елементарното доживување и емотивно обоените коментари. Во поезијата на Кочо Топузоски овие елементи се испреплетени и хармонизирани со потези на творец со препознатлив поетски свет и на мотивско-тематски и на стилско-изразен план“.

Кочо Топузоски е автор на поетските книги „Ноќни делби“, „Болна прелест“, „Препознавања“ и „Посланија и риданија“. Застапуван е во повеќе избори, панорами и антологии, меѓу кои и во едицијата „130 тома македонска книжевност“. Негови стихови се преведувани на француски, англиски, руски, српски, бугарски, албански и влашки јазик.