Поевтинуваат дел од услугите на Катастарот

Од 1 септември се укинува плаќањето за повторно поднесување пријава во Агенцијата за катастар што значи дека граѓаните кои од страна на катастарот се одбиени по кој било основ при повторното поднесување на пријавата нема да плаќаат надомест, најавија денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Агенцијата за катастар Борис Тунџев.

По нивната денешна средба во Министерството за транспорт и врски на иницијатива на министерот Сугарески, директорот Тунџев рече дека се работи на адаптирање на електронскиот шалтер којшто треба да ја овозможи реализацијата на оваа мерка.

– Ова значи дека во случај кога од Агенцијата за катастар на недвижности е одбиен предметот по кој бил основ, при повторното поднесување на истата таа пријава за тој предмет граѓаните нема да плаќаат никаков надомест, рече Тунџев.

Тој најави намалување и во сегментот на користење на податоците од Агенцијата на катастер, како и на надоместокот кој граѓаните го плаќаат при запишување на одредени права.

Во однос на чинењето на имотниот лист, директорот Тунџев рече дека се уште се прават анализи за цената на чинење и очекува по извештајот од службите да се види како тоа ќе се одрази на финансиската конструкција на катастарот. По направените анализи, како што најави, ќе излезат со информација дали ќе има намалување на цената на имотниот лист.

Министерот Сугарески истакна дека со ваквите намалувања на цените на услугите кои се во надлежност на Агенцијата за катастар се исполнува уште едно ветување дадено пред граѓаните.

На денешната средба било утврдено дека е непхопдно да се вратат и дел од овластувањата што приватните геодетски фирми ги имале претходно во однос на правото за вршење на теренски работи за потребите на единиците за локална самоуправа и институциите на централната власт кои досега ги имаше Агенцијата за катастар. Со ваквииот пристап, смета министерот Сугарески, ќе се забрза давањето на услуги и ќе се зголеми конкуренцијата.

На средбата е разговарано и за пазарната цена на услугите што ги нудат приватните геодетски фирми.

– Се согласивме долната граница на цената на услугите да остане регулирана како досега, додека горната цена ќе биде регулирана во согласност со пазарните услови, рече министерот Сугарески.

Разговарано е и за потребата од ублажување на казнената политика и воведување на мерката опомена.