![Slika slave](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/07/Slika-slave.jpg?resize=696%2C1043&ssl=1)
Утревечер во рамките на Охридско лето со почеток од 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид ќе се одржи промоција на книгата „Поезија – ткаења“ од Славе Ѓорѓо Димоски и документарниот филм на Антонио Вељаноски„Поет на мал народ“.
Во книгата „Поезија – ткаења“ во издание на Панили од Скопје содржани се досегашните објавени поетски книги на Славе Ѓорѓо Димоски: Гравири (1979), Проект (1982), Студен порив (1985), Последните ракописи (1988), Спореден пат (1991), Предмети и аргументи (1994), Форми на страста (1998 и 1999), Темно место (1999) и Мерач на зборовите (2007). Изданието е објавено во знак на 35 години поетско творештво, односно од бијавувањето на првата книга Гравири (1979).
Редоследот на книгите е во обратен ред и враќајќи се наназад се открива патот на творечкото време до почетоците на авторот од кога почнал да се содава еден посебен поетски свет, една своевидна и самостојна поетика, надвор од кулоарските случувања и во посебен природен амбиент на планината Галичица.
Според проф. Димитар Пандев, кој е и промотор на книгата,геопоетиката на Славе Ѓорѓо Димоски отвора простор за множество интерпретации во онаа смисла во која неговата поезија се остварува преку множество точки на набљудување на светот и на стварноста од една иста точка.
„Тоа е суштината, впрочем, на односот меѓу јазикот и стилот на Димоски, одмерениот јазичен исказ наспроти бурниот стилски израз. Впрочем, да се потсетиме на Јакобсоновото поезијата е исказ што е насочен на самиот израз. И да потврдиме, Димоски од секојдневните јазични искази пресоздава необични стилски изрази, со што неговата поезија добива и своевидна барокна тежина, во онаа смисла во која во просторот се изнијансира меѓупросторот во чиј центар е авторовото јас, кое по пат на семиоза и понатаму се деатлизира, се динстиктивизира во сопственото времепространство“
Во документарниот филм на Антонио Вељаноски во кој преку три песни (Куќа, Траума и Ноќта е црна Liebe Maria) е раскажана духовната биографија на поетот Славе Ѓорѓо Димоски. Поетот зборува за поезијата како чувар на јазикот на малите народи бидејќи во неа е содржан исконскиот озонна јазичната традиција. Филмската приказна претставува еден отсонуван сон на недосонуваните копнежи.
„Со овај филм навлегов во еден специјален жанр во склоп на документарните филмови а тоа е поетичниот жанр, односно филмот има и неколку поджанрови, меѓу кои е и портретот, или можеме прво да го ставиме портретот, а потоа, преку поетичниот жанр би дошле до поимот Поетичен портрет. Голема инспирација црпев од сурреалниот стил на раскажување на големата светска документаристка Мартина Кудлачек, која што имав чест и лично да ја запознам на едно нејзино предавање за филмскиот портрет на националниот факултет за филм во Прага, каде што беше презентиран и нејзинот филм Amour fou – Ludvík Šváb. Сметајќи дека поезијата е една сурреална дисциплина, играјќи со надреалните елементи кои што се во филмот го овековечив, овај наш поет на филмското платно,“, вели Вељаноски кој е апосолвент на престижната Академија за филм – ФАМУ во Прага.
Филмот по сценарио и режија на Антонио Вељаноски оваа година доби награда на фестивалот „Млада камера“ во Република Чешка.