Поезијата на Маџиров во светска антологија на најубави љубовни песни

Никола Маџиров со својата поезија влезе во светската антологија на 50 најубави песни за љубовта напишани во последните 50 години, која премиерно ќе биде претставена во „Ројал фестивал хол“ во Лондон на 20 јули.

Освен Маџиров, во антологијата се вклучени и песни од нобеловецот Дерек Волкот, Маргарет Етвуд, Маја Ангелоу, како и од венцоносците на Струшките вечери на поезијата: Тед Хјуз, Тадеуш Ружевич, Ив Бонфоа, Вилијам Мервин и Ко Ун.

Никола Маџиров освен што ќе настапи на промоцијата во „Ројал фестивал хол“, три дена пред тоа ќе чита во „Квин Елизабет хол“ во Лондон на отворањето на поетското биенале „Поетри интернешнал“ основано од Тед Хјуз во 1967 година.