Поголеми се шансите луѓето да се заразат со новиот коронавирус во сопствениот дом, отколку во контактите со луѓе надвор од домот, утврдиле јужнокорејските епидемиолози.
Во рамките на студијата, чиишто резултати го објави Центарот за контрола и превенција на болестите (CDD) на САД, се проучувани првозаразените пациенти во Јужна Кореја, вкупно 5.706 лица и нивните повеќе од 59.000 контакти.
Истражувањето покажало само дека само две лица од стотина заразени го добиле коронавирусот од контакти коишто не биле поврзани со нивното домаќинство. Секој десетти ја добил болеста од член на сопственото семејство.
Кога првозаразениот член на домаќинството бил тинејџер или лице во 60-те и 70-те години од животот, стапката на ширењето на заразата била поголема, утврдиле научниците.
„Тоа е веројатно поради тоа што е поголема веројатноста овие возрасни групи да се во поблизок контакт со членовите на семејството, бидејќи станува збор за лица на коишто им е потребна поголема заштита или поткрепа“, вели Јеонг Еун-кјеонг, директот на корејскиот центар за контрола и превенција на болести и еден од авторите на студијата.
Најмала била веројатноста дека првозаразеното лице ќе биде дете помладо од девет години, додава др Чое Јунг-џин, професор на медицинскиот факултет на универзитетот Халлјим. Сепак, тој истакнува дека во оваа возрасна група примерокот бил најмал, односно 29 испитанции, додека, на пример, во возрасната група од 20 до 29 години имало 1.695 испитаници.
Поголема била веројатноста и дека децата со Covid-19 ќе бидат асиптоматски отколку дека возрасните лица ќе бидат асимптоматски, па тоа дополнително го отежнувало откривањето на првозаразеното лице, доколку станува збор за дете.
Податоците за истражувањето биле собирани во периодот од 20-ти јануари до 27-ми март, кога се случуваше кулминацијата на епидмијата на коронавирусот во Јужна Кореја.