Шефот на сицилијанската мафијашка организација, Матео Месина Денаро, кој некогаш тврдеше дека убил доволно луѓе за да наполни гробишта, денеска беше погребан во неговиот роден град Кастелветрано на Сицилија, а на погребот беа неколку членови на семејството на кои им беше дозволено да присуствуваат.
Месина Денаро беше уапсен во јануари оваа година по три децении бегство од полицијата, а почина на 25 септември од тешка болест во болница во централна Италија, носејќи ги в гроб сите големи тајни од своето мафијашко минато.
Неговиот ковчег, придружуван од полиција, во текот на ноќта беше превезен преку половина Италија, а погребното возило пристигна во југозападниот сицилијански град Кастелветрано рано изутрината и влезе на гробиштата по спореден пат, заобиколувајќи ги станбените области за да избегне изливи на наклонетост или на бес од локалните граѓани.
Седум луѓе одеа зад погребната кола, а едно лице носеше огромен букет жолти цветови. На гробиштата влегле и три автомобили со блиски роднини, по што полицијата го затворила влезот за да ги спречи новинарите да влезат.
Погребот се одржа без богослужба. Денаро беше осомничен за бројни убиства и други кривични дела.
Нему му беше судено во отсуство во 2002 година и беше осуден на доживотен затвор за многу кривични дела, вклучително и за вмешаност во убиството во 1992 година на најпознатите обвинители кои ги гонеа мафијашите – Џовани Фалконе и Паоло Борселино.