Погребан убиениот руски политичар Немцов

Посмртните останки на рускиот опозициски лидер Борис Немцов, денеска беа погребани со проштална церемонија која започна пред музејот посветен на човековите права и на советскиот дисидент Андреј Сахаровна. На церемонијата присуствуваа илјадници луѓе и голем број јавни личности, објави ТАСС.

Последен поздрав на Немцов му оддадоа членовите на неговото семејството, ко-претседавачот на Руската републиканска партија -Парнас на која и припаѓаше и Немцов, Михаил Касјанов, претседателот на партијата Демократски избор, Владимир Милов, активистите на движењето „Солидарност“.

Немцов кој беше гласен критичар на претседателот Владимир Путин, беше убиен на 27 февруари во близина на Кремљ во Москва.

Руските власти доцна синоќа забранија влез во земјата на високите претставници од Полска и од Летонија кои имаа намера да присуствуваат на денешната погребна церемонија во чест на Немцов. Летонската европратеничка, Сандра Калниете информираше дека е задржана на аеродромот Шерметјево, додека претседателот на полскиот Сенат, пак, Богдан Борусович соопшти дека руските власти не му издале виза за влез во земјата.

Забрана за присуство на погребот на Немцов има и рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој во моментов е во 15 дневен притвор. Неговото барање за привремен излез, како што вели, е децидно одбиено.

Украинскиот претседател Петро Порошенко постхумно му додели Орден на слободата на Немцов, истакнувајќи дека тој секогаш ќе остане личност за која слободата била универзална вредност, и која не познавала граници.

Главниот сведок на убиството, украинската манекенка Ана Дурицкаја ја напушти Москва еден ден пред погребот. Таа тврди дека не го видела убиецот, туку само неговиот автомобил.

Руските истражни органи истражуваат пет можни причини за убиството на Немцов, вклучувајќи ги и заканите што ги добивал поради ставот околу нападот на сатиричниот француски весник Шарли Ебдо.

ne

ne3