![Moskva Crkva Navalni](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/03/Moskva-Crkva-Navalni.jpg?resize=640%2C462&ssl=1)
Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални ќе биде погребан во Москва подоцна во петок, во услови на силни безбедносни мерки и стравувања од полициска акција две седмици откако ненадејно почина на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Соработниците на Навални, кои ветија дека ќе ги пренесуваат настаните во живо преку интернет, го обвинија претседателот Владимир Путин дека го убил затоа што рускиот претседател, наводно според нив, не можел да ја толерира помислата дека Навални е ослободен во потенцијална размена на затвореници.
Тие не објавија докази за поддршка на тоа обвинение, но ветија дека ќе откријат како и кој наводно го убил.
Германија, која се споменува во таквата наводна размена за Навални, воопшто не ги коментираше ваквите тврдења.
Кремљ негираше вмешаност на државата во неговата смрт и, исто така, рече дека не знае за некаков договор за ослободување на Навални. Во неговата смртна потврда, според неговите соработници, стои дека починал од природна смрт.
Навални, поранешен адвокат, беше најотворениот критичар на Путин откако рускиот лидер дојде на власт кон крајот на 1999 година, организирајќи улични протести и објавувајќи истражување за наводна корупција меѓу членовите на владејачката елита.
Но, низа кривични пријави за динансиски измами и екстремизам, за што Навални тврдеше дека биле политички мотивирани, а подоцна и игнорирање на судската пресуда за условно ослободување, му донесоа севкупно затвор од повеќе од 30 години, а повеќето од неговите поддржувачи ја напуштија земјата или се во затвор.
Навални реши да се врати во Русија од Германија во 2021 година, откако беше лекуван од, како што рекоа западните лекари, труење со нервен агенс, но беше приведен затоа што не се пријавувал според одредбите од пресудата за условна казна. Потоа беше дополнително осуден и за непочитување на судот.
Путин, кој ги контролира сите лостови на државата и се очекува да биде реизбран за уште еден шестгодишен мандат за две седмици, сè уште не ја коментираше смртта на Навални и со годинивоопшто не го споменува неговото име.
Иако Навални е повеќе познат на Запад, руската државна телевизија, исто така, не го спомнува со години, а кога го спомнува тоа беше кратко и со осврти на неговото радикално и националистичко минато и во негативно светло поради пресудите за финансиски дубиози.
Богослужбата за Навални треба да се одржи во 14 часот по локално време во црквата на Богородица во областа Марџино во Москва, каде што порано живеел Навални. Потоа треба да биде погребан на Борисовските гробишта на околу 2,5 километри, од другата страна на реката Москва, два часа подоцна.
Сојузниците на Навални, кои се надвор од Русија и беа етикетирани од властите како екстремисти поддржани од САД, ги повикаа луѓето кои сакаат да му оддадат последна почит, но не можат да присуствуваат на неговиот погреб, наместо тоа, да одат во одредени знаменитости во нивните градови во петок навечер во 19 часот по локално време. Кремљ ги отфрли изјавите како провокативни и предупреди дека полицијата ќе го почитува законот.
Судејќи според претходните собири на поддржувачите на Навални, веројатно е големо полициско присуство и властите ќе спречат сè што сметаат дека личи на политички демонстрации според законите за протести кои не се најавени и за кои е потребна дозвола од локалните власти.
Сопругата на Навални, Јулија, со која тој имаше две деца и повеќе години живее надвор од Русија иако не ѝ е забранет влезот во земјата, рече дека не е сигурна дали самиот погреб ќе биде мирен или дали полицијата ќе ги уапси учесниците. На неговиот погреб се очекува да присуствува и мајката на Навални, Људмила. Не се знае кој друг ќе смее да влезе во црквата за богослужба, велат неговите соработници.
Пред погребот, неговите сојузници ги обвинија властите дека ги блокирале нивните планови за одржување поголема граѓанска комеморација и рекоа дека непознати лица дури успеале да ги блокираат нивните обиди да ангажираат погребна кола.
Кремљ соопшти дека нема никаква врска со организацијата на погребот на Навални.