Бугарски пасоши ќе добијат и претседателите на бугарските клубови во Македонија.
Бугарскиот претседател Румен Радев на свечена церемонија ќе им ги врачи бугарските лични документи на Љубчо Георгиевски и на Благој Шаторов – претседателот и секретарот на затворениот бугарски клуб „Иван Михајлов“ од Битола. Потпретседателката Илијана Јотова, ги потпиша указите за стекнување бугарско државјанство врз основа на нивното бугарско потекло, јавува БНТ. Пред една седмица, таа свечено му додели бугарско државјанство на охриѓанецот Христијан Пендиков кој стана познат во јавноста на почетокот на годината поради тепачка во Охрид. Тој тврдеше дека три лица го тепале затоа што се изјаснувал како Бугарин. Бугарија со владин авион го однесе на лекување во Софија. Тој остана таму и најави дека ќе студира. Инаку, откако Пендиков доби бугарско државјанство, кажа дека претседателите на бугарските клубови во Македонија не поседувале бугарско државјанство.