Полските државјани, според предлог-законот предложен од претседателот Владимир Зеленски ќе може да живеат, работат и добиваат социјални бенефиции во Украина на еднаква основа како и Украинците, објави во понеделникот вечерта пратеничката Олга Совгирја.
Претходно полскиот претседател Андежј Дуда по средбата со Зеленски во Киев изјави дека украинскиот претседател до Врховната Рада (парламентот) го доставил предлог-закон за специјалниот статус на Полјаците во Украина.
„Предлог-законот предвидува да се утврди дека граѓаните на Република Полска во текот на нивниот престој во Украина имаат право на вработување без дозвола за користење на трудот за странци и лица без државјанство, да добиваат образование на еднаква основа со државјаните на Украина, вклучително и на сметка на државниот или буџетот на локалната власт, социјални исплати во согласност со украинските закони“, напиша Совгирја на својот Telegram канал.
Според неа, Полјаците ќе можат да сметаат и на социјална заштита, вклучително и на осигурување во случај на целосна, делумна или привремена неспособноста, старателство и невработеност, а ќе можат да преземаат деловни и економски активности под исти услови, како и Украинците.
„Полските државјани кои имаат квалификации за лекар, медицинска сестра/брат, акушерка/акушер на териториите на земјите членки на ЕУ ќе можат да вршат професионални дејности на територијата на Украина 18 месеци. Таквите медицински дејности полските државјани можат да ги извршуваат исклучиво во здравствените установи на Украина“, додава пратеничката Совгирја,
Меѓутоа, критичарите на Зеленски сметаат дека во прв ред овој предлог се однесува на легализирање на учеството на полскиот воени и офицерски кадар во украинските вооружени сили.
Има и такви кои ваквиот предлог за специјалниот статус на Полјаците во Украина претставува и предавање на украинска територија на соседна Полска, особено на западните области кои по Втората светска војна тогашниот Советски сојуз ги присоединил на тогашната советска украинска република.
„Започна процесот на официјално предавање на територијата на Украина на Полска“, напиша на социјалните мрежи поранешниот пратеник во украинскиот парламент Илја Кива.
Претходно Кива, повикувајќи се на свои извори од безбедосните украински служби објави дека почетокот на влегувањето на полските единици чии припадници ќе добијат украинско државјанство е планирано за крајот на јули.
Полска е членка на НАТО и Европскиот сојуз, и таквата можност претставува голема закана за директна конфронтација со Русија и опасна ескалација на конфликтот и негово проширување на територијата на земја членка на западните политички и воен сојуз.
Директорот на руската Служба за надворешно разузнавање (СВР), Сергеј Наришки, уште пред неколку месеци предупреди дека во Варшава започнале да разработуваат сценарио за распарчување на територијата на Украина. Според него, руското разузнавање има сознанија дека полските власти се убедени дека во прв ред САД и Велика Британија ќе бидат принудени да го поддржат планот за поделба на Украина.