Зелениково со околните населени места, Батници, Долно и Горно Количани, Припор, Црвена Вода, Долно и Средно Коњаре, Живиње, Чифлик, Љубанци, Бутел, Раштак, Миладиновци, Сарај, Кондово, Матка и дел од Волково се деловите во Скопје каде поради обилните врнежи на снег во моментов нема струја, вели за НетПрес, портпаролот на ЕВН Македонија, Атанас Ковачевски.
Низ Македонија струја нема во тетовско Желино, но во ова населено место виновен е еден корисник кој ја бутнал станицата за пренос на енергија. Исто така, без струја се Демир Хисар, Смилево, индустрискиот дел на Битола, хотелот „Молика“ и одморалиштето, планинските села во битолскиот и прилепскиот регион, како и неколку улици од Прилеп. Без струја се и неколку населени места од Велес, Куманово, Штип, Кичево и Кратово.
„Екипите на ЕВН Македонија во моментов се на терен и работат на отстранување на дефектите. Се надеваме дека за брзо време тие ќе бидат отстранети. Екипите ќе останат на терен за да можат во секој момент да делуваат онаму каде ќе биде потребно“, додаде Ковачевски за НетПрес.
Најголем проблем во моментов има во Охридско-струшкиот регион каде е настанат дефект на далноводите со кои стопанисува „МЕПСО АД“ Скопје.
Дефект има на далноводот од Ресен кон Охрид, како и Вруток-Шпиље кој го покрива овој регион. Во моментов ЕВН не може да реагира на овој дел од државата бидејќи МЕПСО треба најпрво да ги отстани дефектите на далноводите.
Без струја во моментов се Дебар, Струга, Охрид, Маврово-Ростуше, Центар Жупа. Поради дефектот на далноводот Од Ресен кон Охрид без струја се останати и Дебарца и сите села од западниот дел на Преспанското Езеро, како и Ресен.
Од МЕПСО велат дека во моментов нивни екипи работат на отстранување на дефектите.
Од ЕВН Македонија, пак, апелираат до сите корисници, доколку имаат проблеми со електричното напојување да се јават во нивниот контакт центар на 0890 88888 за во најбрзо време да се отстранат сите дефекти кои би можеле да настанат.
На крај, Ковачевски потенцираше дека екипите на ЕВН остануваат на терен за да можат веднаш да реагираат онаму каде ќе биде потребно.