Пола милион евра за советниците на Ковачевски и неговите потсекретаријати

Највисок хонорар повторно ќе добие Зоран Верушевски, советник за национална безбедност, во нето износ од 74.618 денари, а на списокот повторно е и Љубе Бошковски.

Владата ги објави платите и имињата на соработниците и советниците вработени во трите потсекретаријати на Владата. Од народни пари, за потребите на премиерот Димитар Ковачевски, ангажирани се 15 надворешни соработници и уште околу 25 соработници и советници кои влегуваат во списоците во трите потсекретаријати, соопшти партијата Левица.

„Голем број од поранешните советници на Зоран Заев повторно се најдоа на листите. Иако СДСМ ветуваше намалување на бројот на советниците на премиерот, очигледно преку манипулативно прераспределување, сепак овие лица останале на платен список на државата. Сега тие фигурираат како соработници и советници на потсекретаријатите на кабинетот на Ковачевски, кои директно работат за премиерот. Власта ќе им исплаќа на овие лица авторски договори за специфични задачи, кои небулозно, не може да ги обезбеди од прекумерната и партизирана администрација, а народот за нив ќе плаќа околу половина милион евра годишно“, коментира Левица.

Највисок хонорар повторно ќе добие Зоран Верушевски, советник за национална безбедност, во нето износ од 74.618 денари, а на списокот повторно е и Љубе Бошковски. Власта ќе ја советуваат и со неа ќе соработуваат професори, „експерти“, бизнисмени и новинари.

„Јасно е дека ќе се одвојуваат значајни средства од Буџетот на Република Македонија за лица кои имаат единствена задача како облигација на нивната ангажираност во Владата, а тоа е хвалоспевот на власта и клеветење на опозицијата. Овие лица се дел од политичкиот поткуп на власта во нејзината квинслиншка и врховистичка политика и работат против интересите на македонскиот народ“, се вели во соопштението на Левица.