Во недела на 4 декември со почеток во 12 часот напладне пред зградата на ОВР Кочани полицајците од Независниот полициски синдикат ќе одржат мирен протест против репресиите кои што ги прават раководните структури врз нивни членови.
Директен повод за ваквиот протест се последните 4 решенија за суспензија на полициски службеници во БПС Кочани, наведува Брегалнички.мк. Ваквата состојба која е присутна во кочанската полиција според организаторите на протестот се пресликува и во други градови во Македонија, што е основен мотив за Независниот полициски синдикат да го крене својот глас во одбрана на своите членови вработени во МВР.
„Поради се поголемата зачестеност на кривични пријави против полициски службеници на кои суспензијата од работните места се користи како репресивна мерка и целосно дискредитирање на личноста на полицаецот, се посилна е потребата за жесток синдикален одговор.
На 04.12.2022 година (недела) пред зградата на ОВР Кочани, Независниот синдикат на полицијата ќе оддржи масовен протест како реакција на последните 4 решенија за суспензија на полициски службеници од БПС Кочани.
Ги повикуваме сите колеги, граѓани, невладини организации, но и министерот, директорот на БЈБ и останати добро намерници, да застанеме рамо до рамо во заеднички протест за полициска правда!
Вчера беше Гоце во Битола, денес сум Јас во Кочани, утре можеби си Ти!“ – стои во соопштението на организаторите упатено до јавноста.