Полицаец, но и маж кој имал условна затворска казна за насилен инцидент со човек којшто настрадал при пукањето, учествувале во упадот во М-НАВ, денеска попладне, тврдат извори запознаени со истрагата за инцидентот, за телевизија Телма.
Според телевизија Алсат упадот врз контролори на летање во М-НАВ денеска го водел претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир Беким Незири.
Друг член на бандата која упаднала во контролата на летање, задолжена за безбедност на воздухопловниот сообраќај во државата, бил и сопруг на жена која пред неколку месеци била вработена во Навигација. Според информациите на Телма со иницијали Е.С. претходно имал и условна затворска казна за насилен инцидент со нстрадан човек при пукање.
Од ДУИ засега нема реакција за овој упад во М-НАВ за што се посочени нивни членови. Нема ниту реакција од партискиот портпарол, министерот за надворешни работи Бујар Османи кој беше претседател на чирскиот огранок на ДУИ пред официјално да биде избран Беким Незири.
Денеска после прес конференцијата на синдикатот на М-НАВ кога беа откриени повеќе злоупотреби на менаџментот на М-НАВ, повеќе лица меѓу кои и вработен во контролата на летање успеале надвор од сите безбедносни процедури да влезат во кулата на контролата на летање на аеродромот и во објектот да нападнат тројца контролори на летање.