Вооружени напаѓачи отвориле оган врз автомобил во кој се наоѓал локален безбедносен службеник во руската севернокавкаска област Ингушетија, убивајќи три лица, од кои еден е полицаец, објави новинската агенција ТАСС ноќта кон саботата, повикувајќи се на истражителите.
ТАСС го цитира локалниот огранок на рускиот Истражен комитет дека во петокот доцна вечерта по локално време бил отворен оган врз автомобил доделен на заменик-шефот на Центарот за борба против екстремизмот во републиката Ингушетија.
Вечерта околу 22 часот на 11-ти октомври по локално време, засега неидентификувани лица стрелале во автомобилот на вработен во патролната служба во Магасовскиот круг во Ингушетија, при што биле убиени три лица. Меѓу загинатите има и службенил во патролната сообраќајна полиција и негов роднина службеник на поштенската служба. Извор на весникот Известия рекол дека целта на нападот бил веројатно соработник на Центарот за контраекстремизам (ЦПЕ).
Локалните иследници соопштија дека е отворена кривична истрага за инцидентот и дека се трага по оние кои стојат зад нападот.
Во извештајот на ТАСС се наведува дека напаѓачите побегнале од местото на злосторството и се упатиле кон соседниот регион Северна Осетија. Ингушетија е во непосредна близина на Чеченија, во средиштето на често нестабилниот регион на Северен Кавказ.