Полицаец во Ресен посегнал по пиштолот да се одбрани од напад на татко и син

Ресенски полицаец доцона изминатата ноќ бил принуден да го употреби службениот пиштол за да се одбрани од напад на две лица, кои се идентификувани како татко и син, информираше во неделата Министерството за вантрешни работи.

Инцидентот се случил десетина минути пред полноќ во Ресен на улицата „Борис Кидрич“, кога неколку полициски службеници од Полициската станица Ресен вршеле увид на претходно случена сообраќајна незгода, во која учесници биле Т.А. од селото Болно и 18-годишниот Б.М. од Ресен. На местото на настанот дошол 41-годишниот З.М., татко на Б.М. и прво вербално а потоа и физички нападнал еден од полициските службеници. Потоа, и неговиот син Б.М. ги нападнал полициските службеници.

Во еден момент полициските службеници забележале дека кон нив доаѓала група граѓани кои сакале да ги нападнат, по што од страна на полициски службеник од службениот пиштол било пукано во воздух и групата се вратила назад.

Потоа таткото и синот биле приведени во Полициска станица Ресен. Известен е јавен обвинител. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.