Полицијата го ослободи приведениот за заканите со бомбите во средните скопски училишта

По 10-часовно темелно испитување во полициска станица, МВР рано утрово го ослободи 23-годишниот Никола Николовски кој синоќа беше приведен како осомничен за лажните пријави за бомби во средните училишта ширум главниот град.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден помпезно ја соопшти информацијата дека конечно е приведен осомничениот за лажните дојави за бомби, но сепак, утрово токму тој осомничен е пуштен на слобода без никаква пријава.

Целата збрка настанала откако испраќачите на заканите за поставени бомби го пишале името на Николовски и неговиот телефонски број во мејловите со закани, па полицијата веднаш тргнала да го апси човекот и да врши претрес во неговиот дом.

Платформа именувана како „Конзерватив.мк” синоќа на својот фејсбук-профил објави дека нивниот член и активист Никола Николовски е приведеното лице за наводна поврзаност со заканите за поставени бомби кои ги добија повеќе средни училишта во главниот град, но дека тој е неправедно уапсен.