Полицијата изврши претрес во канцеларии на Европскиот парламент како дел од истрагата за руско влијание

Во средата полицијата изврши претрес на канцелариите на вработените во Европскиот парламент (ЕП) во Брисел и Стразбур, како дел од истрагата за наводното руско влијание врз пратениците.

Вработениот наводно „играл важна улога“ во „пристапувањето и плаќањето на европските пратеници за промовирање на руската пропаганда преку прокремљ веб-страницата“ Глас на Европа (VoE), соопштија белгиските обвинители.

Полициската акција беше спроведена пред европските избори на почетокот на јуни, кои ќе го одредат следниот состав на Европскиот парламент, при големи стравувања на бриселската елита и етаблираните политички групации од подем на крајно десните партии и формации.

Претресот на канцелариите во Брисел и Стразбур е дел од пошироката операција поврзана со „случај на мешање, пасивна корупција и припадност на криминална организација“, објаснија обвинителите.

Полицијата извршила претрес и во домот на вработен во Европскиот парламент во квартот Шаербек, во северниот дел на Брисел, но сè уште не го открива идентитетот или дополнителни информации за кој европски пратеник работеле.

Белгискиот премиер Александар Де Кро во април објави дека разузнавачката служба на неговата земја наводно открила руска операција со цел да влијае на изборите за Европскиот парламент. Де Кро тврдеше дека целта на Москва е многу јасна – „да помогне да се изберат што е можно повеќе проруски кандидати во Европскиот парламент и да се зајакне прорускиот наратив во таа институција“ и на крајот да ја ослабне поддршката на Европската унија за Украина.

Пред тоа, чешките медиуми, повикувајќи се на чешката цивилна контраразузнавачка служба – Служба за информатичка безбедност (BIS), објавија дека крајно десничарскиот политичар Петр Бистрон и Максимилијан Крах, пратеници во германскиот парламент од редовите на Алтернатива за Германија (AfD), биле осомничени за контакти со VoE и дека „е можно“ и тие да добивале пари.

Европската унија го стави VoE на листата на санкционирани, односно забранети медиумски компании кои се поврзуваат со Русија.

На почетокот од мај германските истражители извршија претрес на канцеларијата во Брисел на европратеникот Максимилијан Крах, откако неговиот помошник беше уапсен минатиот месец под сомнение дека наводно шпионирал за интересите на Кина.