Полицијата трага по Гоце Трајковски – клучниот сведок во случајот со убиството на Вања

Во Кривичен суд продолжува судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски со испитување на сведоци. Еден од сведоците требаше да биде Гоце Трајковски, но тој останува недостапен за органите на прогонот.

На претходните судења мајката на Трајковски го правдаше синот дека има панични напади и затоа не може да дојде. Во меѓувреме се појавија информации дека Трајковски се бара од полицијата за подметнување на пожар во кафуле во населбата Кисела Вода.

Кираца Трајковска и нејзиниот син Гоце, кумови со семејството на грабнатата и свирепо убиена Вања Ѓорчевска, се првите кои ги поврзале исчезнувањата на Панче Жежовски и на Вања, според сведочењето на Трајковска.

Денеска сведочеа двајца полициски инспектори кои биле присутни за време на претресот кој што се случил во домот на братот на обвинетиот Љупчо Палевски- Палчо, во селото Глуво. Сведоците посочија дека при претресот бил одземени еден лаптоп, таблет и мобилен телефон.

На прашање на обвинителката дали инспекторот забележал дали некој од присутните во куќата токму тогаш ѕвонел на телефонот на Вања, инспекторот рече дека тој и неговите колеги не забележале дека некој од присутните остварил телефонски повик. Од дополнителните прашања од одбраната се сфати дека ваков телефонски повик бил извршен од телефонот на братот на Палевски, но сведокот  повтори дека не забележале некој да се јавува.