Полицијата во Бангладеш уби седум мажи Рохинџи под сомнение дека се бандити

Седуммина мажи од малцинската група Рохинџи, осомничени дека се бандити, се убиени во престрелка со полицијата во близина на бегалски камп во југоисточен Бангладеш, соопшти полицијата, јави ДПА.

Според агенцијата, престрелката се случила утринава кога припадници на специјалната полициска единица извршиле рација во засолниште на осомничената банда во Текнаф, во областа  Кокс  Базар, изјави офицерот од специјалната единица Мирза Шахд Махтаб.

Настанот се случил на околу 350 километри југоисточно од главниот град Дака.

Престрелката, наводно, почнала кога осомничените почнале да пукаат од нивните пиштоли додека полицајците се приближувале до нивното скривалиште, наведе полицискиот службеник.

На ваквиот „пречек“ припадниците на специјалната единица отвориле оган, оставајќи седум мртви на местото на настанот, изјави офицерот.

-Престрелката траеше речиси еден час, а телата на осомничените беа покажани подоцна, изјави Рабиул Ислам, исто така офицер од единицата.

Ислам додаде дека специјалците пукале во самоодбрана.

-На местото на настанот се пронајдени три пиштоли и многу куршуми, додаде тој.

Бангладеш прими повеќе од еден милион муслимани Рохинџи во бегалски логори во југоисточната област Базар, откако тие избегаа од соседен Мјанмар.

Полицијата во Бангладеш соопшти дека многу од бегалците биле вклучени во прекуграничен шверц со дрога, грабежи и други ситни кривични дела во и околу камповите, додаде ДПА.