Полицијата во Мејн трага по резервистот кој уби 18 луѓе, 36-то масовно убиство во САД годинава

Полицијата во американската сојузна држава Мејн во четвртокот трага по резервистот на американската армија осомничен за убиство на 18 и ранувње на уште 13 лица во пукање во куглана и ресторан во градот Левистон претходната ноќ.

Полицијата беше распоредена во јужниот дел на Мејн во потрага по главниот осомничен, идентификуван како Роберт Р. Кард, резервист на американската армија, кој летово бил во психијатриска установа.

Јавните училишта во областа ја откажаа наставата во четвртокот, а полицијата ги советуваше жителите да останат во своите домови.

Во полицискиот билтен се вели дека Кард е 40-годишен инструктор за огнено оружје во базата на американската армија во Сако, во Мејн, кој неодамна изјавил дека слушал гласови и имал други ментални проблеми.

Армијата на САД соопшти дека Кард бил наредник и специјалист за снабдување со нафта во резервниот состав на американската армија и никогаш не бил во борба откако ѝ се приклучил на Армијата во 2002 година.

Поседувањето и носење оружје е слабо регулирано во Мејн, главно рурална држава во близина на североисточната граница со Канада, каде што околу половина од возрасните живеат во домаќинство кое поседува огнено оружје, според истражувањето од 2020 година.

Во Мејн не е потребна дозвола за купување или носење оружје и ги нема таканаречените закони за „црвено знаме“ што постојат во другите држави кои ѝ дозволуваат на полицијата привремено да ги разоружува луѓето што ги сметаат за опасни.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека нацијата тагува по „уште едно бесмислено и трагично масовно пукање“ во кое загинаа 18 лица во Левистон и ги повика републиканците во Конгресот да помогнат во донесувањето построги закони за оружје.

„Како резултат на оруженото насилство, премногу Американци доживеаја смрт или повредување на член на семејството. Ова не е нормално и не можеме да го прифатиме“, рече Бајден.

Овој инцидент е 36-то масовно убиство во САД оваа година, според базата на податоци којашто ја ажурираат агенцијата Associated Press и весникот USA Today во партнерство со Универзитетот Нортистон. Најмалку 190 луѓе загинаа во тие убиства, кои се дефинирани како инциденти во кои четири или повеќе лица загинале во период од 24 часа, невклучувајќи го убиецот, односно истата дефиниција што ја користи американското Федерално биро за истраги (FBI) за масовни убиства и пукања.

Досега оваа година, во САД е забележани вториот најголем број масовни убиства и смртни случаи до овој момент во една година. Само во 2019 година имало повеќе масовни убиства. Според базата на податоци, од 2006 година имало повеќе од 560 масовни убиства, во кои загинале најмалку 2.900 луѓе, а најмалку 2.000 биле повредени.