Полицијата ги отстранува мигрантските кампови во североисточен Париз

Француските власти утрово почнаа евакуација на неколку нелегални кампови за мигранти во североисточниот дел на Париз, соопшти полицијата.

Според француските медиуми во таквите кампови се наоѓаат околу илјада мигранти, претежно од африканско и авганистанско потекло.

За евакуација на мигрантите од областа Порт де ла Шапел ангажирани се околу 350 полицајци.

– Полициската управа нареди евакуација на нелегалните кампови, кои претставуваат голема опасност за безбедноста и здравјето на тие кои се наоѓаат таму и за населението во околината, се посочува со полициското соопштение.

Исто така се наведува дека на секој евакуиран мигрант ќе му биде понуден привремено сместување во парискиот регион, како и здравствен преглед и процена на социјалниот статус.

Слична операција е изведена во ноември минатата година, кога илјадници мигранти беа евакуирани од импровизиран камп во Париз, откако беше затворен бегалскиот камп Џунгла во Кале, северна Франција.