Полицијата растерувала протест, велосипедистите добиле солзавец

Денешната етапа од Тур де Франс била привремено прекината откако велосипедистите налетале на солзавецот со кој полицијата растерувала земјоделци кои поради протест поставиле пречки на патеката.

Сè почнало со протестот на селаните кои патот по кој требало да поминат велосипедистите го блокирале со бали сено. Земјоделците од подпиринејскиот регион низ кој поминува 16-тата етапа, ја искористија трката за да го изразат своето незадоволство поради доцнењето на финансиските стимулации.

Обезбедувањето на време забележало што се подготвува па почнало да го расчистува патот на велосипедистите, но селаните не сакале така лесно да се тргнат па настанала голема гужва.

Специјалците буквално во раце ги тргале од патот разгневените бабички и дедовци, а во еден момент проработеле и полициските солзавци. Сепак, ветерот очигледно го направил своето и спрејот се распрскал по велосипедистите кои еден по еден почнале да застануваат и да ги тријат очите… Организаторите немале премногу избор, па ја прекинале трката десетина минути, по што велосипедистите продолжија кон целта.