Полицијата уапси бегалец од Идризово

Овластени службени лица од СВР Куманово во соработка со Централните полициски служби од МВР, вчера во 17.50 го уапсија 39-годишниот О.М. кој е баран со потерница од КПУ Идризово, соопшти денеска СВР Куманово.

До моментот на лишување од слобода, тој на подрачјето на Куманово, извршил десет кривични дела, шест разбојништва, три тешки кражби и едно одземање на моторни возила, информираа од кумановската полиција.

О.М. е осуден на 20 години затворска казна за убиство и неовластено производство и пуштање во промет наркотички дроги, психотропни супстанции и прекурсори, односно за сторени кривични дела по член 123 и по член 215 од Кривичниот законик.

Тој со употреба на сила и сериозна закана, побегнал од затворот на 16 декември минатата година.