Египетската полиција со поддршка од оклопни возила упадна синоќа во комплекси на најмалку два египетски универзитета за да растури антивладини демонстрации на студенти, објави МИА.
Протестни собири беа организирани во Каиро на исламистичкиот Ал Азхар универзитет каде студентите искршија детектори за метал сметајќи ги за нови „репресивни мерки“ против студентското движење. Детекторите за метал на влазените врати биле поставени неодамна.
Портпаролот на студентските протести Јусеф Салхен изјави дека демонстрантите на кратко се судриле со полицијата пред универзитетот. За време на протестите уапсени се најмалку шест луѓе, а полицијата употреби и солзавец во обид да ги растера демонстрантите.
Египетските власти засилија мерки за безбедност на универзитетите во целата држава за да спречат ширење протести и повторување на ситуацијата од лани кога во такви демонстрации загинаа најмалку 16 студенти приврзаници на соборениот претседател Мохамед Морси.