Полициски инспектори се „пресметале“ на предновогодишна забава во Охрид

Дури три тепачки се случиле на предновогодишна прослава организирана од вработени во СВР Охрид. Како што брифираат високи полициски извори, дел од полицискиот кадар бил на предновогодишна прослава во еден познат угостиелски објект лоциран во приградска населба на Охрид, блиску до аеродромот, објави порталот Охрид1.

Неофицијално како што пренесува порталот инцидентите помеѓу „видно расположените“ полициски кадри не се пријавени во полиција, но се снимени од надзорните камери на објектот, а детално запознаени со инцидентите се и сите од раководната структура во СВР Охрид. Сведоци на настанот се сите присутни на забавата, вработените во угостителскиот објект како и вработените задолжени за хигиената на објектот, затоа што морале веднаш објектот да го исчистат по крвавите тепачки.

Тепачките избиле помеѓу инспектори од компјутерски криминал и инспектори од недозволена трговија и дрога.

Како што брифираат високо позиционирани полициски извори, во тепачките учествувале и луѓе кои се наоѓаат на инспекторски позиции.