Очевидци на Клиниката за Онкологија посочија дека во 08:30 часот утрово полициски службеници со лисици на рацете изнеле еден од поранешните директори на Клиниката, објави Сител. Засега неофицијално, приведени се неколкумина, а меѓу нив е и поранешниот директор на Онкологија Нино Васев.
– Се преземаат дејствија по наредба на јавен обвинител. Штом имаме повеќе информации ќе споделиме, велат од ОЈО за Сител, чија екипа е пред Клиниката, каде тековно течат работите со здравствените услуги.
Како што неофицијално објави Телма, пак, три лица се избегани во странство додека траела предистрагата за случајот Онкологија.
На барање на Обвинителството и по судско одобрение, утрово се вршеше претрес кај лекари во Клиниката за онкологија и радиотерапија. Полицијата рано утрово влегла во нивните домови, каде со истражители од Обвинителството се проверувало дали учествувале во злоупотреби и кражби на Клиниката, објави „Скопје1“.
Инаку, претресите се прават според веќе отворен предмет за злоупотреби на оваа Клиника, при што истражители утврдуваат дали и како била крадена скапата терапија која треба да спасува животи на заболени од рак.
Акцијата е во тек и засега не се споделуваат информации во јавноста од ОЈО.