Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска порача дека ниту еден полициски службеник не смее да биде член на политичка партија.
На денешната прес-конференција, по остварената работна посета на СВР Скопје, тој одговорајќи на новинарско прашање околу фотографии на полициски службеници и политичари што се појавија во Тетово, рече дека ќе го провери случајот.
-Не би можел да прокоментирам нешто што не сум го видел. Нареден пат ќе ви дадам одговор на прашањето. Но, во секој случај согласно закон, ниту еден полицаец не смее да биде дел од политичка партија, изјави Тошковски. Додаде дека ќе провери и дали полицаец имал право да се фотографира со политичар за време на кампања.
Тошковски, исто така посочи дека во МВР се потребни системски и суштински промени.
– Работењето на МВР и тоа како треба да се подобрува и од технички, човечки аспект, потребни се и обуки. Во текот на овој краток временски период заклучив дека една од клучните работи на кои ќе треба да се посвети внимание е едукација на полициските работници. Катастрофално стоиме во делот на техничка опрема, тука особено треба да се посвети внимание, појасни министерот.
Во однос на убиството на докторот кое се случи неодамна, Тошкоски рече дека моментно нема осомничен и дека не би можел да открие повеќе информации со цел да не ја загрози истрагата.