„Духот на договорот со Бугарија е дека ние градиме пријателство и дека меѓусебно се почитуваме. Нашите политичари, особено официјалните лица, државата, владата секако се коректни и не биле причина за провокација“, рече вечерва во гостувањето на „Телма“ вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„Меѓутоа, изјавите на Џамбаски, изјавите на други поличари, како Костадинов, патем речено, во Бугарија не се толку популарни колку кај нас. На пример Костадинов, не знам зошто, ниту еден медиум во Македонија не пренесе дека го викаат Коста Копејкин во Бугарија. Како алузија на руското влијание во неговото политичко дејствување. Имаме политички фактори кои намерно влегуваат во провокација на Македонците и на Северна Македонија, за да испровоцираат наша реакција. Ние сме должни да го чуваме нашето достоинство. Притоа е можно и да го чуваме нашето достоинство и да градиме пријателство“, рече Маричиќ.
Тој додаде:„Она што, за жал, според мене е крупна и клучна грешка од бугарската страна, тоа беше посетата на Петков на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов. Тоа беше пресвртната точка која ги одведе работите во еден погрешен правец. Инаку сметам дека до тогаш имавме сериозни резултати што ја сменија перцепцијата за Бугарија во Северна Македонија и обратно и ги зближија и народите и владите за да можат да решат проблеми што се од животно значење“, изјави Маричиќ.