Политичарите во земјава го честитаа големиот христијански празник Велигден и им се обратија на верниците, на Македонската православна црква, Светиот синод и на Евангелско-методистичката црква. Во нивните пораки тие се осврнаа и на ситуацијата во Украина и нови глобални предизвици. Еве што тие порачуваат:
Преттседателот на Собранието Талат Џафери го честиташе празникот од името на сите пратеници посакувајќи мир и хармонија.
„ Не секогаш материјалното е одговор и решение за сите тешкотии со кои удира животот. Напротив, убавиот збор, благородното и хумано дело, сочувствувањето со несреќните причинува поголема радост и дава спокој во душата. Бидете и Вие нечие светло на крајот на тунелот, нечиј топол дом и засолниште, нечиј зрак на надеж. Човештвото поминува низ вистински тешки искушенија и во потрага по вечноста и славата, се заборава вредноста на животот и се посегнува по него без при тоа да се размисли дали тој што не го создал животот има право да го одземе него. Сепак, секој од вас поединечно и сите заедно, немојте да бидете слепи и глуви на ова страдање. Дозволете светлината да ги осветли и стопли Вашите домови, да Ве сплоти во молитвите и да донесе мир и хармонија во Вашите мисли“, пишува Џафери во честитката.
Стево Пендаровски
Претседателот на државата, Стево Пендаровски зборув за мирот, отворањето на срцата и победа врз исушенијата.
„Најискрено ви посакувам празничните денови да ги поминете, пред сѐ, во добро здравје, неизмерна радост и во среќа, исполнети со духовен мир“, пишува Претсдателот и додава:
„Вдахновени од Христовото страдање за човештвото и од неговото воскреснување да им дадеме смисла на нашите животи и да ги победиме искушенијата, отворајќи ги нашите срца и споделувајќи безусловна љубов.
На овој Велигден да помислиме на сите оние коишто страдаат во воените судири, коишто се погодени од елементарни непогоди, коишто се соочуваат со здравствени тешкотии, на сите оние коишто се без топлината на својот дом, на разделените од семејствата, на сите во беда и немаштија. Ним да им ги посветиме нашите молитви и благослови“.
Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски порача спокојство и просперитет за целото општество.
„Оваа година најголемиот празник во календарот на православните верници го одбележуваме во време кога целиот свет поминува низ глобална економска криза и низ тешките предизвици како што е војната во Украина со сите последици од неа.
Велигден е празник на спасението. Го означува крајот на Христовите страдања и со кој се слави победата над смртта. Нè потсетува на потребата да се преиспитаме и со скромност како одговорни чинители на нашата заедница да понесеме саможртва за доброто на сите, заштитувајќи се себеси и здравјето на блиските.
Во овие драматични мигови за нашето современие, Велигденските денови се можност да се свртиме кон повикот да создаваме добри дела и да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг“, пишува Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повика на толеранција и меѓусебно почитување.
„ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани кои се од православна вероисповед им го честита најголемиот христијански празник Христовото Воскресение – Велигден, со најискрена желба за добро здравје, љубов, мир, спокој, благосостојба и радост во секој дом.
Христовото Воскресение е триумф на победа на животот над смртта, доброто над злото, и со тоа Исус ја докажал божествената моќ и го осветлил патот на иднината.
За нас христијаните овој Голем ден – Велигден значи живот и надеж и не потсетува дека само со верба кон Бога, со мир во душата, со трпение, меѓусебно почитување, толеранција, труд и работа ќе постигнеме напредок за државата и подобар живот за сите граѓани.
Во овие тешки времиња, ВМРО-ДПМНЕ повикува на истрајност и разум, да надвладее доброто наспроти лошото, правдата да ја победи неправдата и сите заедно сплотени и посветени да го победиме злото и да донесеме посветла иднина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.