Политичарите во БиХ не можат да се договорат за ден на жалост по катастрофалните смртоносни поплави

Ниту катастрофалните поплави во кои загинаа најмалку 16 лица не можеа да ги обединат политичарите во Босна и Херцеговина кои не можат да се договорат кој да прогласи ден на жалост.

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, во саботата изјави дека му е жал за луѓето кои загинаа во поплавите во БиХ или останаа без своите домови и имоти, но ја отфрли можноста во земјата да се прогласи ден на жалост.

Претседателот на Република Српска смета дека државата нема никаква врска со прогласување ден на жалост и дека такви одлуки можат да носат само ентитетите.

„Советот на министри на Босна и Херцеговина не е овластен да го стори тоа и нема да донесе таква одлука, но владите на Федерацијата на Босна и Херцеговина и Република Српска ќе го сторат тоа“, изјави Додик за новинарите во Бања Лука.