Половина од германските компании во Македонија ќе го намалат бројот на вработени, ако недела биде неработен ден

Доколку се изгласа новиот Предлог-законот за работни односи, односно за забрана за работа во недела 47 проценти од германските компании во земјава изјавиле дека ќе го намалат бројот на вработените за 10 проценти, седум проценти ќе го намалат бројот на вработени за 20 проценти, додека понатамошни седум отсто од анкетираните компании ќе го намалат бројот на вработени за 30 проценти.

Ова го покажуваат резултатите од анкетата спроведена од Делегацијата на германското стопанство помеѓу германските инвеститори во земјата кои, пред се, работат во автомобилската индустрија и вработуваат повеќе од 20 000 лица во земјата. Најголемиот дел од овие компании, се наведува, работат во три или четири смени, седум дена во неделата и поради сложените технолошки процеси, компаниите не го прекинуваат производството во текот на целата година.

Доколку се прекине производството во недела, 60 проценти од анкетираните компании одговориле дека ќе доцнат со испораката, а 40 проценти од нив поради доцнењето ќе плаќаат пенали.

На прашањето дали да се одложи овој предлог закон и да се даде време на стопанството да се стабилизира по загубите од пандемијата, дури 36 отсто од компаниите се изјасниле дека две години би биле доволен период да се подготват на новиот начин на работење, додека 64 отсто сметаат дека период од три години им е потребен за стабилизација и долгорочно планирање.

-Прашани дали неработењето на производството во недела ќе предизвика застој на увозот, и со тоа ќе следат поголеми царински и други трошоци за компаниите, дури 74 проценти од анкетираните се изјаснија дека оваа измена би предизвикала зголемени трошоци. 67 проценти од анкетираните компании сметаат дека одлуката за неработење во недела би ја зголемила корупцијата во стопанството. Кај 94 проценти од анкетираните компании, Предлог-законот ќе донесе финансиски загуби, а 80 проценти од испитаниците сметаат дека ќе предизвика зголемување на сивата економија, посочуваат резултатите.

Како најголема конкуренција во однос на реализирање на понатамошни инвестиции, компаниите ги навеле земјите Србија, Мароко, Бугарија и Романија, стои во соопштението од Делегацијата на германското стопанство помеѓу германските инвеститори во земјава.