Половина век од првиот повик на мобилен телефон: до 2030-та, околу 6,4 милијарди претплатници

На крајот од минатата 2022 година во светот имало 5,4 милијарди претплатници на мобилни телефони, а до 2030 година ќе има околу 6,4 милијарди, проценува глобалното здружение на мобилната индустрија GSMA по повод одбележувањето 50 години од првиот мобилен телефонски повик.

Првиот мобилен телефонски повик го направил на 3-ти април 1973 година инженерот и пронаоѓач Марти Купер од улиците на Њујорк, користејќи телефон тежок околу еден килограм и со траење на батеријата од 25 минути.

Купер го нарекуваат татко на мобилните телефони, затоа што својата пионерска работа со тим во „Motorola“ ја насочил кон развојот на комерцијалните мобилни телефони „DynaTAC 8000X“, во познатата форма на „цигла“, десет години откако прототипот беше искористен за првиот повик. Тој телефон се продаваше за околу 4.000 американски долари.

Првиот мобилен телефон беше скап и не многу функционален, но уште тогаш се предвидуваше дека мобилната телефонија може да се развие до тој степен што еден ден секој ќе има мобилен телефон. Ова е потврдено со постојаниот раст на мобилната индустрија и мрежи како и развојот на мобилните уреди, кои веќе долго време не се само средство за разговор.

Во светот има повеќе од 8,4 милијарди SIM конекции, што го нагласува големото социјално влијание што го има мобилниот телефон. Тој е најкористениот уред во потрошувачката електроника во историјата и веќе имаме повеќе мобилни телефони отколку луѓе во светот.