Полска ја разгледува можноста за употреба на своите противвоздушни системи против руските ракети

Полска ја разгледува можноста за употреба на своите системи за противвоздушна одбрана лоцирани во близина на нејзините граници за одбрана од руските ракети, но сѐ уште не е донесена конечна одлука за ова прашање, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Павел Вронски во интервју за украинскиот портал Укринформ.

„Ова прашање се разгледува од правна и од техничка гледна точка, но сѐ уште не се донесени одлуки за тоа“, вели Вронски коментирајќи ги изјавите на украинскиот претседател Володомир Зеленски и на министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба за можноста за користење на системите на полската противвоздушна одбрана против руските ракети над територијата на Украина.

Вронски потврдува дека Киев ѝ се обратил на Варшава со такво барање.

Според портпаролот на полската дипломатија, размислувањата за оваа иницијатива во Полска започнале откако руски проектил, наводно, го нарушил полскиот воздушен простор на 39 секунди претходно во март годинава.

Дискусијата, прецизира Вронски, се води на темата дали полските системи за противвоздушна одбрана можат да соборуваат вакви ракети над територијата на Украина и какви може да бидат правните последици од таквиот потег. Истовремено, тој нагласува дека не станува збор за физичко преместување на полските противвоздушни системи во Украина.

„За тоа воопшто не се разговара во Полска, нема никаква можност полски системи за противвоздушна одбрана да биде преместен надвор од границите на земјата“, вели Вронски.

Во март годинава полската војска објави дека воздушниот простор на земјата бил нарушен од руска крстосувачка ракета, која била во полскиот воздушен простор 39 секунди, а потоа излегла од него. Тогаш рускиот амбасадор во Варшава, Сергеј Андреев, одлучи да не одговори на повикот во врска со овој инцидент во полското Министерство за надворешни работи, бидејќи полската страна одби да обезбеди какви и да е доказ за своите наводи.

Во ноември 2022 година во селото Пржеводов, во југоисточното полско Лублинско војводство близу границата со Украина, падна ракета за којашто веднаш синхронизирано од Варшава и од Киев рекоа дека е руски проектил. Тоа предизвика тревога во целиот свет, бидејќи Полска е членка на НАТО кој напад на една своја членка го смета за напад врз целиот блок, и стравување од директен судир на воениот сојуз и Русија. Сепак, откако брзо за овој инцидент се огласија САД, беше наведено дека станува збор за остатоци од украински проектил кој соборил руска ракета. Сепак, Киев и натаму инсистира дека станува збор за руска ракета која ја прелетала украинската територија.