Полската влада најверојатно нема да го протурка контроверзниот закон за истражување на наводно руското влијание пред парламентарните избори во октомври, изјави во саботата висок политички функционер.
Ришард Терлецки, шеф на пратеничката група на владејачката конзеративна партија Право и справедливост (PiS) во полскиот парламент, изјави за телевизискиот канал TVN24 дека неговата партија нема да дејствува по ова прашање до „следната законодавна седница“.
Претходно, пониските политички функционери од владините редови веќе признаа дека времето за носење на законот пред избори истекува. Со предлог-законот се предлага формирање комисија која би го истражувала можното руско влијание.
Опозицијата го критикуваше нацртот како „Лекс Туск“, закон кој конкретно го таргетира опозицискиот лидер Доналд Туск, проанепен премиер и шеф на Европскиот совет, а неодамна тој беше неколкупати изменет.
Комисијата може да ги стави на „столбот на страмот“ политичарите кои наводно се „премногу блиски“ со Русија или да ги истисне од политичкиот живот.
Според оние кои се противат на создаввањето на комисијата, нејзината цел биле санкции против Туск. PiS го обвинува дека имал премногу блиски односи со Русија за време на неговиот премиерски мандат од 2007 до 2014 година.
По неговиот мандат во полската влада, Туск беше претседател на Европскиот совет до 2019 година. Потоа се врати во домашната полска политика. На парламентарните избори на 15-ти октомври тој планира да ја собори владата на десните конзервативци кои доминираат во полската политика последната деценија.