Полска ѝ испорачала на Украина 18 самоодни хаубици

EPA/RAINER JENSEN

Полска на Украина ѝ испорачала 18 самоодни хаубици од типот „ AHS Krab“, објави во неделата полското јавно радио цитирајќи владин извор, за напорите на Киев да даде отпор на руската офанзива во Донбас.

Поради напредувањето на проруските сепаратистички сили поддржани од руските единици на истокот од Украина, Киев повика на дополнителна воена помош од Западот.

Главно се бара оружје со долг дострел, што укажува или на подготовка линијата на фронтот да биде повлечена во длабочина кон централна Украина, или на намера на Киев да напаѓаат цели на руска територија, што на Западот предизвикува стравување од натамошна голема ескалација на конфликтот. Хаубиците „AHS Krab“ имаат максимален дострел од 40 километри.

Веста за испораката на полското тешко вооружување за Украина дојде откако во саботата беше обелоденето дека Германија не му ги доставува на Киев западните модели пешадиски борбени возила и тенкови, бидејќи се придржува до единствениот став и на сојузната влада и на сојузниците во НАТО.

„Германската влада и западните земји имаат заедничка позиција да не испорачуваат западни пешадиски борбени возила и тенкови“, истакна Зимтје Мелер парламентарна државна секретарка во германското министерство за одбрана и пратеничка од владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) во Бундестагот во интервјуто за телевизијата ZDF одговарајќи на новинарското прашање зошто Берлин го одложува предавањето на вооружувањата на Киев.

Изјавата имаше голем одек во Германија во контекстот на извештаите на новинската агенција DPA и весникот Die Zeit, кои претходно објавија дека постојат неформални договори меѓу земјите членки на НАТО да не ѝ испорачуваат одредени видови оружје на Украина.

Агенцијата IAR, којашто ги пренесува вестите за полското јавно радио, извести дека Варшава, исто така, обучила околу 1000 украински артилерци да управуваат со хаубиците.

Украина започнала да ги добива противбродските ракети „Harpoon“ од Данска и самоодни хаубици од САД, објави во саботата украинскиот министер за одбрана Алексиј Резников. Висок американски функционер во април објави дека САД почнале со обуки надвор од Украина, на украински војници за користење на споменатите хаубици. Киев, пак, објави дека сака да добие и американски повеќецевен ракетен систем со долг дострел „М270“.

И Чешка во блиска иднина планира на Украина да ѝ испрати уште вооружување во вредност меѓу 24 и 28 милиони евра, најави министерката за одбрана Јана Чернохова во неделата за медиумот CT.

„Од исклучителна важност е да се помага постојано“, вели Чернохова истакнувајќи дека Прага на Киев од почетокот на војната му испратила воен опрема во износ од над 140 милиони евра.

Потврди дека меѓу воената опрема се наоѓа и тешко вооружување, но Чернохова не дава поединости за видот и количеството на воената опрема од „безбедносни причини“. Сепак, чешките медиуми дознаваат дека меѓу вооружувањето се тенковите „Т-72“, пешадиските оклопни борбени возила „БМП-1“, хаубиците „Дана“ и можно и борбени хеликоптери „Мил Ми-24“, главно од советскиот тип, за кои Прага очекува од западните сојузници да добие модерно нивно вооружување.