Полска во понеделникот објави дека купува крстосувачки ракети од САД во вредност од 677 милиони евра со цел да ги зголеми своите одбранбени капацитети поради наводна можна руска закана.
„Војната во Украина покажа колку е важно да можеме да погодиме цели далеку зад борбената линија, а дострелот на ракетите што ќе ги купиме е околу 1.000 километри“, соопшти Министерството за одбрана.
Ракетите „AGM-158 JASSM-ER“ (Joint Air-to-Surface Standoff Missile) ќе бидат испорачани меѓу 2026 и 2030 година, прецизира Министерството.
Полска моментално располага со крстосувачки ракети JASSM со дострел од 370 километри, кои ги користат американските повеќенаменски борбени авиони „F-16“.
Договорот, кој официјално ќе биде потпишан во вторник, беше склучен како дел од брзата модернизација на полската армија, како одговор на руската агресија. Од истата причина, Полска ја зголеми распределбата за армијата на околу четири отсто од брито домашниот производ (БДП), најмногу од земјите членките на НАТО.
Варшава се одлучи на серија воени набавки, главно од САД и Јужна Кореја, во вредност од неколку милијарди долари.