Полскa: Моравјецки го загуби гласањето за доверба, се отвори пат за владата на Туск

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки го загуби гласањето за доверба во понеделникот, што го отвори патот за формирање влада на широка коалиција на проевропските партии предводена од Доналд Туск.

Премиерот Матеуш Моравјецки доби поддршка од 190 пратеници, додека 266 од нив гласаа против.

Гласањето стави крај на осумгодишното владеење на националистичката партија Право и Правда (PiS), за која критичарите велат дека ја поткопала независноста на судството, ги претворила државните медиуми во пропагандна алатка и ги поттикнала предрасудите кон малцинските заедници во прв ред имигрантите и ЛГБТ заедницата.

Туск, поранешен претседател на Европскиот совет и полски премиер, вети дека ќе ги поправи односите на Варшава со Брисел и ќе ги деблокира милијардите наменети за Полска, а кои беа задржани поради, според Брисел, загриженоста за владеењето на правото.

Од PiS велат дека на власт го бранел полскиот суверенитет и традиции од странско мешање и дека го подигнал животниот стандард на милиони Полјаци, меѓу другото, со зголемување на минималната плата и социјалните бенефиции.

Огромен интерес за работата на полскиот парламент има уште од изборите на 15-ти октомври, а доказ за тоа е значителното зголемување на бројот на претплатници на парламентарниот канал на YouTube.

Одредени дискусии привлекоа повеќе од милион гледачи на таа платформа.