Полската влада ја доби довербата во парламентот

Полскиот парламент синоќа изгласа доверба на владата на премиерот Доналд Туск. Гласањето за доверба дојде по барање на премиерот Туск, заради скандалот со тајното снимање на разговор на високи владини службеници.

Туск ја потврди довербата со поддршка од 237 пратеници, а против поддршка на владата гласаа 203 парламентарци. Гласањето на довербата на полската влада дојде во очи на одржување на Самитот на ЕУ во Брисел, кој почнува денеска. Владејачката партија „Граѓанска платформа“ на Туск и коалициските партнери имаат мнозинство од 235 пратеници во парламентот.

Опозицијата веднаш по објавувањето на скандалот  го повика Туск да си поднесе оставка, но тој одби да го стори тоа.

Скандалот кој предизвика дестабилизација на владата на Туск го објави магазинот „Впрост“.Објавувањето на овој скандал донесе срам во полската влада. Објавените снимки ги обелоденија разговорите на кои шефот на централната банка му вели на министерот за внатрешни работи дека ќе ја поддржи економската политика на владата, ако оставка си поднесе министерот за финансии. На друга снимка е министерот за надворешни работи Радослав Сикорски кој ги нарекува „безвредни“ полските врски со САД и го нарекува британскиот премиер Дејвид Камерон „некомпетентен за прашања поврзани со ЕУ“. Приватните разговори се случиле во многу популарен варшавски ресторан во минатите 18 месеци. Кога Туск го побара гласањето доверба на неговата влада изјави дека без обновена мнозинска поддршка тој нема да биде во можност ефективно да ја претставува Полска во ЕУ. До крајот на неделава во Брисел ќе се разговара за значајни структурни и персонални одлуки, а Полска сака одредени високи позиции во ЕУ.

Туск смета дека странски интереси се вмешани во следењето министри и високи функционери. Тој не посочи ниту една земја, но рече дека под истрага се бизнисмени кои тргуваат со јаглен и гас од Русија.

„Не знам која азбука беше користена за да се напише ова сценарио, ама немам сомнеж кој ќе профитира од него“, рекол Туск пред парламентарците веројатно.