Полскиот претседател Анджеј Дуда нема да се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел во текот на нејзината посета на Варшава во сабота, открива претставник на неговиот кабинет а медиумите пишуваат дека станува збор за израз на протест поради изградбата на руско-германскиот гасовод Северен тек 2.
Измената во распоредот на полскиот претседател е објавена кусо откако во петокот рускиот енергетски гигант „Газпром“ објави дека е довршен гасоводот Северен тек 2, со кој Германија го удвојува увозот на гас од Русија, а на што се противеше Полска којашто стравува дека ќе треба да плаќа повисоки суми на германските добавувачи.
На почетокот од септември германската влада објави дека Меркел и Дуда ќе се сретнат во текот на нејзината последна турнеја во странство во својство на канцеларка. Меѓутоа, во петокот Павел Солох, шеф на кабинетот на полскиот претседател за национална безбедност, изјави дека тоа сепак нема да се случи поради „неусогласеност на распоредот и сличајните околности“, пренесува германската новинска агенција DPA.
Претседателот Дуда во текот на долго планираната посета на канцеларката Меркел ќе престојува во Катовице, рекол Солох за полското радио, додавајќи дека германската амбасада во Варшава веќе е информирана за распоредот на претседателот.
Полска, како и балтичките земји и Украина поттикнати од САД, се противеше на изградбата на Северен тек 2, нарекувајќи го „геополитички проект на Русија кој ќе ја поткопа енергетската безбедност на Европа“.
„Одноот со Германија е добар, иако Северен тек 2 фрли сенка на него и ја ослаби довербата во билатералните односи“, истакнал Солох.
Полските медиуми објавуваат дека незадоволството од завршувањето на германско-рускиот гасен проект кој долго беше под американски санкции но сепак беше довршен, имал улога во одлуката на Дуда да не се сретне со Меркел.
Германската канцеларка на заминување, чиј наследник ќе биде познат по парламентарните избори кон крајот на септември бидејќи таа веќе нема да се кандидира, во Полска ќе се сретне во сабота со премиерот Матеуш Моравјецки.
Тие разговори, според најавите ќе бидат насочени на состојбата на полската граница со Белорусија. Инаку, Минск по воведувањето на новите санкции од Брисел поради наводно кршење на човековите права во земјата, порача дека повеќе нема да ги спречува мигрантите на белоруска територија кои сакаат да минат во земјите членки на Европската унија, што доведе до раст на приливот мигранти на границите на балтичките членки на ЕУ, кои притоа се обвинуваат за нехумано и насилно однесување кон бегалците и мигрантите.
Претходно во петокот, пак, Кремљ порача дека работата на новиот гасовод треба да започен „што поскоро“. Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, за новинарите во Москва изјави дека „на сите од интерес“ име Германија што побрзо да го одобри стартот на испораката на гасот.
Портаролот на украинскиот претседател, чијашто земја стравува дека со работата на Северен тек 2 ќе загуби милијарди евра од транзитот на рускиот гас за европските потрошувачи, реле дека Украиона ќе се бори против злоупотребата на гасоводот кој ја заобиколува нејзината територија. Меѓутоа, Меркел при нејзината неодамнешна средба со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон, вети дека Германија ќе воспостави специјален фонд кој ќе ги компензира евентуалните штети на Украина од губењето на транзитот на рускиот гас.
„Претседателот Владимир Зеленски секогаш истакнуваше дека Украина ќе се бори против рускиот политички проект до неговото довршување, па и по почетокот на испораките на гасот“, изјави портпаролот Сергеј Никифоров.
Руски „Газпром“ објави дека гасоводот Северен тек 2 целосно е завршен во петокот утрото. Претседателот на извршниот одбор на концернот Алексеј Милер ја објави веста на утринскиот брифинг. Се очекува дека испораките на рускиот гас во Германија ќе започнат веќе во октомври.