Полскиот претседател тврди дека САД нема да го намалат военото присуство во Источна Европа

Полскиот претседател Анджеј Дуда во понеделникот рече дека американските власти го увериле дека Вашингтон не планира да го намали бројот на своите војници во источна Европа.

Анджеј Дуда ова го изјави по средбата со претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог. Земјите од Европската унија стравуваат од крајот на американскиот безбедносен ангажман на континентот по враќањето на Трамп во Белата куќа.

Загриженоста беше зголемена минатата седмица од неговиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој на прес-конференција во Полска рече дека сојузниците на НАТО не смеат да претпоставуваат дека САД засекогаш ќе бидат присутни во Европа, инсистирајќи тие да ги зголемат трошоците за сопствената одбрана.

По средбата со Хегест во петокот и Келог во понеделникот, Дуда ги уверува Полјаците за плановите на Вашингтон. Полскиот претседател рече дека „нема апсолутно никаква американска намера да ги намали активностите во нашиот дел од Европа, особено во однос на безбедноста и намалувањето на бројот на американски војници“.

По посетата на Полска, земјата која троши најмногу за одбрана меѓу европските членки, поради што Хегсет ја нарече „модел на членка на НАТО“, Келог отпатува за Киев каде ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.