Полските одбојкари станаа европски прваци

Полската машка одбојкарска селекција ја освои титулата европски првак, совладувајќи ја во финалето во Рим домашната репрезентација и бранител на титулата и актуелен светски шампион на Италија со 3-0 (25-20, 25-21, 25-23).

За Полска, којашто во својата ризница има три светски титули ова е само втората европска, а првата ја освои во 2009 година. Италија, пак, остана на седум континентални наслови.

Вилфредо Леон со 13 и Норберт Хубер со 12 поени беа најефикасните кај Полска, додека Даниеле Левиа со 13 поени беше најдобар кај Италија.

Со овој триумф во Рим, Полјаците им се одмаздија на Италијанците за ланскиот пораз во финалето на Светското првенство кое се играше во полско Катовице.

Бронзата ја освои Словенија коај во средбата за третото место го совлада последниот олимписки победник Франција со 3-2 (25-22, 25-16, 21-25, 18-25, 15-11). За Словенија ова е четвртиот медал од последните пет европски првенства, откако во 2015, 2019 и 2021 година дојде до среброто. Рок Можич со 26 поени ја предводеше Словенија, додека Ервин Нгапет со 18 поени беше најефикасен кај Франција.