Полуфинале ЛШ: Реми во првиот дуел меѓу Баерн и Реал

На минхенската „Алијанц Арена“ фудбалерите на Баерн и Реал Мадрид го одиграа првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите, а немаше победник по 2:2 (0:1) во текот на 90 минути игра, а драмата се сели на теренот на мадриѓаните „Сантијаго Бернабеу“.

Реал поведе во 24. минута со голот на Винисиус Жуниор, додека пресвртот дојде на почетокот на вториот дел. Во 53. минута Лерој Сане погоди за 1:1, додека во 57. Хари Кејн реализираше пенал за 2:1 на Баерн. Конечните 2:2 беа поставени, исто така, од белата точка а ги постави Винисиус Жуниор во 83. минута

На Баерн му беа потребни само четириесет секунди да ја создаде првата голема шанса на натпреварот. Сане изби пред голот на Мадрид, но голманот на Реал, Лунин добро реагираше со нога по неговиот удар малку откосо.

Како и со Манчестер Сити, во реваншот од четвртфиналето, Реал играше со сите единаесет играчи зад топката. Во воведните дваесетина минути Реал исклучиво се бранеше, а Баерн се обидуваше да се закани преку густо поставената одбрана на противникот.

По слабиот обид на Кејн во седмата минута, Сане повторно беше закана за мадриѓаните, но во таа прилика играчот на Баерн беше непрецизен. Потоа имаше луциден обид од средината на теренот на Кејн, стрелаа Мусијал и Горецка, додека Реал својот прв удар кон противничкиот гол и првото појавување на неговите играчи пред домашниот голман Нојер го круниса со гол. Во 24. минута Тони Крос со одлично додавање ја исфрли од игра целата одбрана на Баерн, Винисиус Жуниор излезе сам пред Нојер и лесно ја пласираше топката крај него за 1:0.

Голот не промени ништо на теренот до крајот на полувремето. Баерн плетеше мрежа околу противничкиот шеснаесетник, но на сѐ му недостигаше последното додавање и вистинскиот удар. Непосредно пред паузата Кејн направи уште еден добар обид од слободен удар од 18 метри, но ја промаши целта.

Првата голема шанса Реал ја имаше во 51. минута. Белингам и Крос комбинираа, а германскиот фудбалер на мадриѓаните одлично шутираше во спротивниот агол, но Нојер спречи нов гол за гостите. А потоа се случи целосен пресврт за само неколку минути.

Во 53. минута Сане израмни на 1:1 откако истрча дијагонално кон шеснаесетникот и со жесток удар го погоди поблискиот агол од голот на Лунин. Четири минути подоцна дојде до уште поголема ерупција на навивачите на „Алијанц Арената“. На сѐ му претходеше прекршокот на Лукас Васкез во шеснаесетникот на Реал врз Мусиала, а Кејн погоди од белата точка за 2:1.

По пресвртот продолжи подобрата игра на Баерн и домаќинот продолжи да создава повеќе прилики. Во 66. минута ударот на Кејн беше изблокиран, додека минута подоцна Диер одлично гаѓаше со глава по корнер, но на семафорот остана 2:1.

Реал во самиот финиш на мечот конечно покажа поголемо ангажирање во нападот, па најпрвин сериозно се закани Винисиус Жуниор во 79. минута, но Нојер одбрани, додека гостите израмнија четири минути подоцна. Ким, кој претходно двапати беше надигран од Винисиус и при постигнувањето на првиот погодок и неколку минути претходно кога спаси Нојер, направи прекршок врз Родриго, а неговиот сонародник Винисиус Жуниор погоди од точка за конечни 2:2.

Реваншот се игра на „Сантијаго Бернабеу“ во среда на 8 мај.

Во среда, со почеток од 21 часот, Борусија и Париз Сен Жермен ќе го одиграат првиот полуфинален натпревар во Дортмунд.