Полуматуранти ќе патуваат во Албанија и Црна Гора, иако тоа е незаконски

Спротивно на Правилникот за изведување на екскурзии во основно образование, училиштето „Мехмед Дерала“ од село Градец општина Врапчишта објавило јавен оглас за изведување на тридневна екскурзија за учениците од деветто одделение во Албанија и Црна Гора.

Според објавениот оглас учениците ќе патуваат на релација Градец-Преказ-Призрен-Улцињ-Тирана-Елбасан-Струга-Градец, а во рамки на екскурзијата имаат две ноќевања, во Драч и во Улцињ.

Идејата беше на родителите и ние ја прифативме, беше дел и од годишната програма доставена до општината. Знам дека е спротивно на Правилникот, но родителите плаќаат и тие бираат каде ќе патуваме. Денеска имаме финална родителска пред пат и ќе го потврдиме тргнувањето – вели директорот на училиштето Хетем Адеми.

Од општината Врапчиште, инспекторот за образование Ибраим Мамут, објасни дека не се доволно запознаени со случајот бидејќи се нов кадар во општината, па рекоа дека најпаметно е да разговараме со директорот на училиштето.

Во Бирото за развој на образование  немаше претставници од основно образование, дел од нив биле на увиди, а останатите на боледувања.

Одговорот од Државниот просветен инспекторат го објавуваме во целост:

Постапката за реализација на екскурзии во основните училишта е регулирана со „ПРАВИЛНИК ЗА НАЧИНОТ НА ИЗВЕДУВАЊЕ НА УЧЕНИЧКИТЕ ЕКСКУРЗИИ И ДРУГИТЕ СЛОБОДНИ АКТИВНОСТИ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА“.

Училишните екскурзии и другите слободни активности на учениците што ги организираат основните училишта се посебни вонучилишни облици на воспитно – образовната работа што се изведуваат надвор од училиштето со цел да се реализираат конкретни цели од наставите програми. Под слободни активности на учениците се подразбираат: настава во природа, кампувања, излети, летни и зимски школи, зимување и летување.

За секоја програма за екскурзии и други слободни активности, која ја изработува стручниот тим, одделно мислење дава Советот на родители, Бирото за развој на образованието и Советот на општината, а врз основа на мислењата Училишниот одбор ја одобрува секоја програма за екскурзии и други слободни активности најмалку 20 дена пред нивното изведување.

Екскурзиите и слободните активности се организираат и изведуваат на територијата во Република Македонија.

И во конкретниот случај, доколку има отстапувања од правилникот, Државниот просветен инспекторат по утврдување на истите ќе превземе соодветни законски мерки.