Неколку десетици луѓе се собраа во неделата во паркот Пионирски во центарот на Белград, еден ден по големиот протест против ископувањето на литиум одржан во белградско Теразие, додека српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека окупацијата на железничките станици во Белград по протестот претставува насилство на малцинството.
Насобраните во паркот пред Претседателството на Србија се опремени со српски знамиња и транспаренти против ископувањето на литиум. Еден од учесниците на неделниот протест за агенцијата Бета изјави дека сѐ уште не одлучиле какви акции ќе организираат во текот на денот. Додаде дека при отстранувањето на демонстрантите од железничката станица Прокоп во неделата рано наутро, полицијата привела тројца демонстранти.
Претседателот на Србија на прес-конференцијата во неделата оцени дека настаните по митингот во Теразие не се придонес за демократијата туку потсмев и насилство на малцинството врз мнозинството. Вучиќ рече дека здравствените стравувања за ископувањето литиум, кое треба да го води меѓународната компанија Рио Тинто, се неосновани.
„Ќе бидам најлошиот можен полицаец за Рио Тинто. Полош ќе бидам за нив, но за сите оние кои наводно се бореле против нив, а всушност сакале да ја преземат власта без избор“, изјави Вучиќ.
Српскиот претседател во обраќањето пред јавноста по повод протестите и блокадите во Белград против рударењето на литиум во Србија, оцени дека протестот на Теразие поминал во демократска атмосфера, но не и блокадите на двете главни железнички станици оценувајќи ги како насилство, и најави дека ќе оди да разговара со народот низ Србија за експлоатацијата на литиум.
„Самиот собир помина во демократска атмосфера, што е многу важно за нашата земја, се беше како што треба во демократските земји. Меѓутоа, како што заврши собирот, се случија работи што ги очекувавме затоа што секој ден кога се заканувате има ситуација кога преовладува насилство, а тоа е извршување на тешки кривични дела. Заземањето на меѓународната железничка станица ‘Прокоп’, станицата во Нов Белград, запирањето на автопатот и работата на самиот мост ‘Газела’ не беа придонес за демократијата, туку исмејување на демократијата како политички режим и спроведување насилство и терор врз малцинството“, изјави Вучиќ.
За протестот за експлоатација на литиум и компанијата „Рио Тинто“ посочи дека целта е уништување на српското стопанство и дека запирање на економијата не е решение, туку разговор на кој, тие што сега протестираат не сакале да дојдат. Притоа, порача дека ќе оди да разговара со народот.
„Ќе разговараме со народот. Ќе одам во Лозница и Крупањ, ќе одам на секое место. И нема да правам големи митинзи за да ви покажам колку луѓе можам да соберам. Ќе одам да разговарам со оние што мислат поинаку, со обичните луѓе, да зборувам за нивниот страв. Дали луѓето во Србија мислат дека сум глупав и луд дека ќе направам нешто против мојата земја и мојот народ?“, праша Вучиќ.
Додаде дека полициската интервенција била извршена без употреба на сила.
Министерот Ивица Дачиќ, кој заедно со Вучиќ се обрати на јавноста, рече дека Министерството за внатрешни работи создало услови за функционирање на железничкиот сообраќај без употреба на сила и дека нема повредени.
Кажа и дека се приведени 14 лица, како и два странски државјани, против кои ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави.